ЗОО: Нема простор за паника, туберкулозата кај животни не е нова појава и преносот од животни на луѓе е исклучително редок

by valentina 13:05
13:05

Од Зоолошка градина Скопје ја информираат јавноста дека немало простор за паника во врска со неодамнешните информации за појава на животинска туберкулоза кај поединечни животни.

-Безбедноста на посетителите и грижата за животните остануваат наш врвен приоритет.
Туберкулозата кај животни не е нова појава. Овој вид заболување е познат со децении, и може да се јави и во зоолошки градини и во природата, па дури и во почва, паркови и игралишта во околината каде што живееме.
Ризикот за посетителите е многу низок и речиси невозможен. Преносот на туберкулоза од животни на луѓе е исклучително редок и најчесто бара долг и директен близок контакт со болни животни, нешто што е невозможно за обичните посетители, велат од ЗОО.

Оттаму додаваат дека вработените кои се во директен контакт со животните со години изминатиот период биле тестирани.

-Сите досегашни резултати се негативни, нема заразени лица меѓу персоналот.
Се преземаат строги ветеринарни и санитарни мерки и постојано се врши дезинфекција во живеалиштата. Секое сомнително или заболено животно е предмет на надзор, тестирање и соодветен третман согласно меѓународните стандарди, а поставени се и дез бариери кај живеалиштата.
Превентивно решивме во наредниот период да го изолираме и Бејби ЗОО, катче кое секако во наредниот период ќе мора поради ниските престоечки температури да се затвори за јавност.

Посетителите се движат по безбедни патеки и немаат близок контакт со животните. Контролата на здравјето на животните и на вработените е континуирана и под надзор на надлежните институции.
Случаи на животинска туберкулоза се регистрирани и во други зоолошки градини низ светот, но тоа никогаш не резултирало со ризик за јавноста.

ЗОО Скопје останува целосно посветена на заштита на здравјето на посетителите, добросостојбата на животните и транспарентност во информирањето. Ќе продолжиме редовно да ја известуваме јавноста и да соработуваме со сите надлежни институции за навремена превенција и контрола, велат од ЗОО.

Слични вести