Министерството за дигитална трансформација изготви нов и недоречен нацрт-закон за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор, кој наместо да овозможи поголема отвореност, огласува аларм за дополнително затворање, објави Призма.
Отворените податоци, според дефиницијата на Министерството за дигитална трансформација, треба да бидат достапни во машински читливи формати, за секој слободно да ги користи и дистрибуира.
Специфично за нив е и што тие се објавуваат онака како што ги направиле институциите, а не обработени. На пример, отворен податок е кога Агенцијата за вработување ги објавува ексел-табелите за невработени по градови, а не кога истата институција ќе прати соопштение со бројки за невработени.
Но, новиот нацрт-закон навестува значајна промена: секој што сака да ги користи податоците за „создавање нови информации, содржини, апликации или услуги“, ќе мора да бара дозвола од институцијата што ги поседува.
Институциите, пак, се предвидува да имаат назначено „службено лице за отворени податоци“, кое ќе има рок од 20 дена да одговори.
Предлогот не прецизира кои точно корисници, во кои случаи и за кои отворени податоци ќе треба да бараат дозвола.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека очекувал законот повеќе да ги опфати обврските на институциите да ги објавуваат информациите.
„Во делот на отворените податоци, златниот стандард е јасен, дека секој може слободно и бесплатно да ги употребува, реупотребува и дистрибуира, со наведување на изворот и споделување под истите овие услови.“
Но, наспроти тоа, како што вели Филков, нацрт-законот се обидува да ја регулира токму повторната употреба.
„Овие одредби, во нацрт-законот се нејасни и оставаат широк простор за самоволно однесување на имателите на податоците и сметам дека – ако останат вака – ќе предизвикуваат проблеми во праксата“, нагласува Филков.