Зголемена граница за пензионирање или укинување на вториот столб:  „Змија или магаре“ за идните пензионери

by irena 14:00
14:00

Најавите за можно зголемување на старосната граница за пензионирање и ревизија на вториот пензиски столб предизвикаа загриженост во јавноста. Владата тврди дека засега се анализираат препораките на ММФ и Светска банка, без обврска тие да бидат прифатени. Експертите сметаат дека реформите се неизбежни, додека синдикатите бараат државата прво да ги намали загубите од сивата економија наместо товарот да падне врз работниците.

 

Текстот е објавен на 15 јули  2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.606

Пишува: Орце КОСТОВ

Најавените радикални промени во пензискиот систем како зголемување на границата за пензионирање или укинување на вториот пензиски столб, кои засега се во фаза на анализирање, предизвикаа сериозна дебата во македонската јавност.

Овие размислувања сихронизирано ги дадоа највисоките државни функционери, вклучувајќи ги и гувернерот Трајко Славески, премиерот Христијан Мицкоски, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велкоски.

Ако првите двајца само најавија дека граѓаните ќе бидат непријатно изненадени од тоа што ќе ги пречека во вториот столб, а министерката Димитриеска-Кочоска го опипа пулсот на јавноста со најава за зголемување на старосната граница за пензија на доброволно ниво, последниот од нив, Велкоски отиде до таму што најави и укинување на вториот пензиски столб.

Но, сите функционери без исклучок прво ќе чекаат на длабинските анализи што владата ги нарачала да ги спроведат Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, а потоа ќе се носи одлука.

Од Министерството за финансии смируваат и потенцираат дека во моментов не постои никаква официјална или конечна одлука од страна на владата за промена на постојните законски услови за заминување во пензија. Надлежните појаснуваат дека процесот е сè уште во примарна фаза на скенирање на состојбите во првиот и во вториот пензиски столб, а препораките што допрва ќе пристигнат од ММФ нема автоматски да значат дека државата целосно ќе ги прифати.

Личниот став на министерката Димитриеска-Кочоска е дека реформата треба да се движи во насока на флексибилност, односно на граѓаните да им се овозможи право на личен избор дали ќе се пензионираат предвреме на шеесет и две години или, пак, доброволно ќе одберат да останат активни на пазарот на труд до повисока возраст.

ЌЕ СЕ ИЗБЕРЕ ПОМАЛОТО ОД ДВЕТЕ ЗЛА

Според важечките законски одредби, жените стекнуваат право на старосна пензија на 62 години, а мажите на 64 години, со најмалку 15 години пензиски стаж.

Но, сега владата ќе разгледува модел, според кој, граѓаните што ги исполнуваат условите за пензионирање би можеле доброволно да продолжат да работат, без задолжително зголемување на старосната граница за сите.

Министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска изјави дека една од можните опции е граѓаните сами да одлучуваат дали ќе заминат во пензија штом ќе ги исполнат законските услови или ќе продолжат да работат до 72 години доколку тоа го сакаат и им го дозволува здравствената состојба.

Формално правно, домашните институции немаат никаков предлог за промена на старосната граница за пензија, ниту ПИОМ, ниту владата, ниту Собранието, но за експертите, пуштањето во етер на бројката од 73 години е само пробен балон за да види власта какви ќе бидат реакциите во јавноста затоа што од реформа во пензискиот систем нема да може да избегаме.

Според нејзините најави, меѓународните финансиски институции, како ММФ и Светска банка наскоро ќе направат детално скенирање на домашниот пензиски систем при што една од очекуваните препораки би била токму продолжувањето на работниот век.

Димитриеска-Кочоска ја пласираше тезата дека оваа опција би се однесувала на лица, кои на доброволна база би сакале да останат активни на пазарот на трудот до наполнување 70, 71 или 72 години.

По бранот остри критики, министерката се обиде да ја релативизира изјавата, нагласувајќи дека станува збор исклучиво за право на личен избор, а не за некаква обврска.

Сепак, стравот на јавноста доаѓа од потегот на министерката, која, наместо да ги почека извештаите и анализите на меѓународните финансиски институции, излезе со детали за тоа кој би можел да продолжи да работи, оние граѓани што имаат полесни работни места и се во добра здравствена кондиција.

На тој начин, власта суптилно се обидува да ја најави првата реформа во пензискиот систем, без да одговори на прашањата кој ќе одлучува за критериумите за пензија, кој ќе одлучува за кондицијата на работникот, тој самиот или работодавецот и на крајот дали работникот ќе одлучи затоа што сака да работи и да не седи дома или, пак, ќе биде принуден да работи и по 64, односно 62 години, затоа што поради ниските пензии нема да може да преживее.

Според изјавите на властодршците во последните две недели, се чини дека прашањето на кое ќе има одговор е последното: работникот ќе работи по 64, односно 62 години, затоа што ќе има ниска пензија.

Власта не го исклучува и укинувањето на вториот столб во најавената реформа на пензискиот систем, со што идните пензионери ќе имаат помали пензии во старт и тоа ќе натера дел од нив да продолжат да работат додека не се исцрпат физички.

Тоа го сподели заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, на неговото гостување на ТВ Сител.

Прашан директно: дали е можно да се укине вториот пензиски фонд, тој кажа дека би оставил прво да се завршат неколкуте анализи што се прават на темата и притоа не ја исклучи таа можност.

–Владата ги очекува резултатите од три анализи што се изготуваат независно една од друга, а од кои ќе зависи дали и каква реформа ќе се преземе во пензискиот систем, рече Велковски.

Причината поради која воопшто се размислува за реформа е затоа што првите пензионери што почнале да земаат пензија по системот на два пензиски фонда, земаат значително пониски пензии споредено со граѓаните што земаат пензија само од Фондот за ПИОМ. Причината, објасни Велковски, е што кога се вовел вториот приватен задолжителен фонд во 2006 година, проекциите биле дека средствата на идните пензионери ќе се оплодуваат по повисоки стапки, отколку што тоа се случило во реалноста.

–Првите 150 пензионери што излегоа оваа година, како први во воведување оваа мерка, недоволно им се оплодиле средствата за да имаат добри пензии… Вториот веќе се анализира добар период во владата, изјави Велковски.

Заменик-министерот кажа дека е формирана една државна комисија, која прави анализа. Независно, побарани се анализи на истата тема и од меѓународните институции. На прашањето, дали е можно да се укине вториот пензиски столб, ги остави сите опции како отворени.

ММФ: ПРОМЕНИ МОРА ДА ИМА

 Пензискиот систем подолг период се потпира на значителни трансфери од државниот буџет, бидејќи приходите од придонеси не се доволни за покривање на сите расходи за пензии, што покажа и новиот извештај на Државниот завод за ревизија.

Според извештајот, трансферите од државниот буџет учествуваат со 36,71 проценти во вкупните приходи на Фондот, што укажува на голема зависност од државниот Буџет за редовна исплата на пензиите. Долгот на ПИОМ кон вториот пензиски столб е 42 милиони евра.

Приходите од наплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување во 2024 година се зголемени за 14 отсто, во однос на претходната 2023 година и изнесуваат 71.435.601 илјада денари со учество од 61,7 отсто во вкупно остварените приходи. Но, оствареното зголемување и понатаму не е доволно за покривање на расходите за пензии, кои, исто така, секоја година бележат раст и во 2024 година изнесуваат 90.277.241 илјада денари, утврдиле државните ревизори.

Од придонесите за пензиско осигурување, од 18,8 отсто што ги уплаќа еден осигурител од својата месечна бруто-плата, 12,8 отсто се одвојуваат за Фондот на ПИОМ и 6 отсто се уплатува на индивидуалната сметка на членот во приватниот пензиски фонд. Средствата во вториот столб се инвестираат на пазарите на капитал за да остварат принос и да ја зголемат идната пензија на осигуреникот. Токму ревизијата на овој фонд е предмет на владата.

Владата побарала од Меѓународниот монетарен фонд и од Светска банка да подготват анализа на состојбата во првиот и во вториот пензиски столб, финансиската одржливост на системот и демографските притисоци.

Анализата на ММФ и Светска банка треба да ја опфати состојбата на пензиските фондови, висината на буџетските трансфери, бројот на вработени и пензионери и влијанието на иселувањето и стареењето на населението.

–ММФ ја анализираше одржливоста на пензиите, како дел од своите редовни консултации по Член IV со Северна Македонија. Извештајот на персоналот за консултациите по Член IV од 2025 година вклучуваше аналитички анекс, во кој се истакнува дека пензискиот систем на Северна Македонија се соочува со долгорочни финансиски притисоци што произлегуваат од демографските трендови, вклучувајќи го стареењето на населението, миграцијата и побавниот раст на придонесувачите во однос на корисниците.

Врз основа на оваа анализа, консултациите по Член IV од 2026 година забележаа дека, без реформи, фискалните притисоци поврзани со пензиите веројатно ќе се зголемат со текот на времето. За да се зајакне долгорочната одржливост на системот, ММФ препорача параметарска реформа, која може да вклучува прилагодувања на клучните параметри, како што се правилата за индексација, возраста за пензионирање и стапките на придонеси“, одговорија од Меѓународниот монетарен фонд за „Фокус“, на прашањето како ја оценуваат состојбата со пензискиот систем и кои мерки ќе ги препорачаат до владата.

Од одговорот се гледа дека ММФ ќе препорача параметарска реформа, според која, ќе се променат возраста за пензионирање, висината на придонесите, годините на стаж и формулите за пресметка на пензиите, без да се менува основната структура на системот.

Од ММФ додаваат дека политичката одлука ќе ја донесе исклучиво власта, а тие се тука само да ги споделат своите меѓународни искуства по барање.

Меѓународните финансиски институции веќе подолго време сугерираат дека продолжувањето на работниот век е еден од најефикасните модели за справување со демографските предизвици, стареењето на населението и обезбедувањето долгорочна стабилност на фондовите.

СВЕТСКА БАНКА: ПОВЕЌЕСТОЛБНИОТ ПЕНЗИСКИ СИСТЕМ МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ

Од канцеларијата на Светска банка во Скопје, за „Фокус“, велат дека и повеќестолбниот пензиски систем може да помогне во справувањето со овој предизвик.

–Светска банка е свесна за тековната јавна дискусија во Северна Македонија, во врска со перформансите на пензискиот систем и иднината на вториот столб. Тоа го гледаме како можност за информиран политички дијалог за прашањето што директно влијае врз благосостојбата на граѓаните во Северна Македонија.

Демографското стареење е долгорочен структурен предизвик со кој Северна Македонија – како и многу земји – ќе треба да се справува со децении што доаѓаат. Постои широк меѓународен консензус дека повеќестолбниот пензиски систем може да помогне во справувањето со овој предизвик. Таквиот систем обично комбинира социјална пензија финансирана од општиот буџет за заштита на најранливите; столб со придонеси поврзан со заработката, систем „Pay-as-you-go“, кој ги поврзува бенефициите со работниот век, односно пензија од придонесите на работниците; и столб со дефинирани придонеси (DC), кој им помага на работниците да градат индивидуални заштеди со текот на времето, објаснуваат оттаму.

Според Светска банка, овие столбови заедно „го диверзифицираат приходот од пензионирање и го распределуваат фискалниот, политичкиот и пазарниот ризик наместо да ја концентрираат изложеноста на еден извор.“

–Како и со секој финансиран столб, неговите придобивки се акумулираат постепено: уплатата на придонесите на почетокот на кариерата на работникот е природно поголема, а целосниот потенцијал на системот се реализира само кога индивидуалните сметки созреваат во текот на последователни децении уплаќање придонеси.

Реализацијата на овој потенцијал бара цврсти темели – разумен дизајн, силно управување и одговорно управување со инвестициите – а внимателен преглед на тековните параметри на системот би можел да помогне да се осигури дека Северна Македонија е во добра позиција да го исполни тоа ветување, велат за „Фокус“ од Светска банка.

Светска банка им дава техничка помош директно на властите во Скопје за анализа на предизвиците со кои се соочува финансираниот столб и идентификување конкретни опции за реформи. А, пак, со поддршка од Фондот на Европската Унија за фискално управување, Светска банка обезбеди техничка анализа за да ја информира владата со „Преглед на трошењето на пензискиот систем.“ Овој процес е воден од македонската влада.

ТРЕНДАФИЛОВ: МОЖНОСТ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ СО ИСПОЛНЕТ СТАЖ

Сојузот на синдикатите на Македонија предупреди дека продолжувањето на работниот век до екстремни граници не соодветствува со животниот век и со здравствениот профил на работната сила во земјава.

Претседателот на Синдикатот, Слободан Трендафилов остро ѝ порача на владата дека дефицитите во државната пензиска каса, во никој случај не смеат да се крпат преку грбот, здравјето и животниот век на работничката класа. Тој рече дека продолжувањето на работниот век не е решение за проблемите во пензискиот систем.

–Потребно е предвремено пензионирање, а не зголемување на пензиската граница. Сојузот на синдикатите на Македонија е сериозно загрижен од отворањето на дискусијата за зголемување на пензискиот стаж за остварување на правото на старосна пензија, а особено што во јавноста се споменува можност за пензионирање на 72 години. И во минатото сме биле сведоци на вакви несериозни предлози, и тоа од луѓе што не се работниците, а одлуките секогаш биле на штета на работниците. Ваквите избрзани мерки, преку зголемување на стапката на придонес или продолжување на возраста за пензионирање, служат само за привремено покривање на дефицитот во Пензискиот фонд, додека структурните проблеми остануваат нерешени, вели Трендафилов за „Фокус.“

Трендафилов порача дека државата треба да создаде услови за поголема вработеност и повисоки плати.

–Потребни се сериозни политики и мерки за зголемување на бројот на вработени млади луѓе преку отворање реални и одржливи работни места, како резултат на нови домашни и странски инвестиции. Потребно е и континуирано зголемување на платите, бидејќи така ќе се зголемат и средствата што се слеваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а истовремено ќе се намали сиромаштијата. Потребно е да се задржат младите тука и да работат во сопствената држава. Ако продолжи иселувањето, нема да има кој да го полни пензискиот фонд, без разлика на зголемувањето на старосната граница, истакна тој.

Наместо зголемување на возраста за пензионирање, ССМ предлага серија конкретни решенија, кои, според синдикатот, ќе бидат поправедни и поодржливи.

Еден од главните предлози е воведувањето можност за пензионирање по исполнет работен стаж: 40 години работен стаж за мажи и 35 години за жени, без оглед на возраста. Синдикатот предлага и воведување предвремено пензионирање, можност за старосна пензија по возраст или по работен стаж, како и воведување бенефициран стаж за градежните работници и за сите професии што се извршуваат во особено тешки и ризични услови.

–Потребно е да се овозможи и предвремена старосна пензија, неполна старосна пензија по возраст, како и можност за докуп на стаж. Работниците што целиот живот работеле во тешки услови, не смеат да бидат принудени да работат уште подолго, предлага Трендафилов.

Освен реформите во пензискиот систем, Трендафилов смета дека државата мора сериозно да се справи и со сивата економија, односно да најде начин да наплати 250 милиони евра, колку што губи годишно од непријавена работа и овие средства, наместо во џебот на газдите, да завршат во пензискиот фонд, со што ќе придонесат за стабилизација на ПИОМ без да им се наметне дополнителен товар на работниците.

Според него, токму овие средства би можеле значително да придонесат за стабилизација на пензискиот фонд, без да се наметнува дополнителен товар врз работниците.

 „ВОЗРАСТА ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ Е САМО ЕДЕН ОД ИНДИКАТОРИТЕ“, ВЕЛАТ ОД МАПАС

Од Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), за „Фокус“ велат дека токму поради демографските и фискалните предизвици со кои се соочил нашиот пензиски систем, бил воведен повеќестолбниот пензиски систем.

–Стареењето на населението, намалениот однос меѓу бројот на вработени и пензионери и продолжениот животен век создаваат зголемен притисок врз првиот пензиски столб, кој функционира врз принципот на меѓугенерациска солидарност. Токму поради овие причини беше воведен повеќестолбниот пензиски систем. Вториот столб претставува механизам за диверзификација на ризикот, бидејќи дел од идната пензија зависи од индивидуално акумулираните средства и приносите од нивното инвестирање, а не исклучиво од тековните приходи на ПИОСМ.

Затоа не би било основано, граѓаните да стравуваат за средствата што ги имаат во вториот столб. Напротив, капитално финансираното пензиско осигурување беше воведено токму за да придонесе кон поголема долгорочна стабилност на пензискиот систем и да го намали влијанието на неповолните демографски движења, велат од МАПАС и додаваат дека долгорочната одржливост на целиот пензиски систем бара континуирани анализи и внимателно планирање на јавните политики.

Од МАПАС сметаат дека прашањето за возраста за пензионирање е само еден индикатор од многуте што постојат и се на располагање, но и прашање на јавна политика што е во надлежност на законодавецот и на владата, кое треба да се разгледува во поширок контекст. Имајќи ги предвид сите индикатори во пензиското осигурување и зависно од демографските, економските и социјалните движења.

–Во најголем број европски држави се забележува постепено продолжување на работниот век, како одговор на стареењето на населението и зголемениот животен век. Меѓутоа, секоја држава треба да ги земе предвид сопствените демографски показатели, состојбата на пазарот на трудот, здравствените показатели и фискалните можности, велат од МАПАС.

Од таму сметаат дека сите евентуални реформи на пензискиот систем треба да бидат резултат на сеопфатни стручни и актуарски анализи, да бидат постепени, предвидливи и транспарентни, со цел да обезбедат долгорочна одржливост на системот и сигурност за сегашните и идните пензионери.

-Повеќестолбниот пензиски систем, токму затоа претставува важен дел од решението, бидејќи обезбедува дополнителен извор на пензиски приходи и ја намалува зависноста на идните пензии исклучиво од јавниот пензиски фонд“, одговорија од МАПАС за „Фокус.“

ОД ПЛАТАТА ЗА ЈУЛИ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ПИОМ

Меѓународните финансиски институции и во своите претходни анализи посочуваа на потребата од подобра наплата на придонесите, поголема вработеност, ограничување на ад хок зголемувањата на пензиите и почитување на законските формули за нивно усогласување.

Едно од привремените решенија пред донесување на клучните реформи во пензискиот систем беше измена во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, според кое, стапката за пензиско и инвалидско осигурување се зголемува од 18,8 на 19,9 проценти од бруто-платата. Притоа, придонесот за осигурување во случај на невработеност се намалува од 1,2 на само 0,1 процент.

Со јулските плати што ќе се исплаќаат на крајот од месецов или во август, поголем дел од придонесите ќе се пренасочуваат кон пензискиот систем, а значително помал дел кон осигурувањето во случај на невработеност. Измените веќе стапуваат во примена, но без дополнително да се зголеми товарот за работодавачите и вработените.

Иако се менува распределбата на придонесите, нивната вкупна стапка останува 28 проценти од бруто-платата. Затоа нема да има дополнителни трошоци за работодавачите, ниту промени кај нето-платите на работниците.

Со овие измени се санираат дел од проблемите присутни во ПИОМ, односно треба да се подобри неговата финансиска кондиција. Наспроти тоа, се цени дека средствата во Агенцијата за вработување се доволни за покривање на тековните потреби. Законските измени се временски ограничени до крајот на годинава и по истекот на овој период, придонесите повторно ќе се пресметуваат според редовните законски стапки.

Слични вести