Илчо Ѓорѓиоски пуштен во домашен притвор со гаранција од имот од 500.000 евра

by irena 14:19
14:19

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, излегува од притвор откако судот донел одлука за негово укинување и определил гаранција во комбинација со мерки на претпазливост.

Информацијата ја потврдија од Основниот кривичен суд Скопје, од каде информираат дека за Ѓорѓиоски е прифатена гаранција од имот во вредност од 508.000 евра.

Од Судот дополнително информираат дека Обвинителството дало позитивно мислење за укинување на притворот и определување гаранција со мерки на претпазливост.

Притворот е укинат и за уште двајца – Томислав Младеновски и Ѓоко Чубриновски, за кои исто така се определени гаранции и мерки на претпазливост.

Според информациите од Кривичниот суд, за Томислав Младеновски е определена гаранција во вредност од 206.000 евра, додека гаранцијата за Ѓоко Чубриновски изнесува 1.600.000 евра.

Првично беше објавено дека Ѓорѓиоски ќе премине во домашен притвор, но од Кривичниот суд прецизираат дека притворот му е укинат и е определена гаранција со мерки на претпазливост.

Во предметот е опфатен и поранешниот претседател на ФФМ Муамед Сејдини, за кого претходно беше определен домашен притвор и кој обезбеди гаранција во висина од 1.000.000 евра.

Со најновите одлуки, Ѓорѓиоски, Младеновски и Чубриновски ќе ја продолжат постапката без мерката притвор, но ќе мора да ги почитуваат мерките на претпазливост определени од судот.

Слични вести