Зеленски: Не можеме само да се повлечеме од нашите територии

by irena 09:11
09:11

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина нема да се повлече од своите територии како дел од каков било мировен договор со Русија, нагласувајќи дека станува збор за прашање што директно ги засега животите на стотици илјади луѓе, а не само за правна или политичка одлука.

Не можеме само да се повлечеме, тоа е надвор од нашиот закон. Не можеме само да се повлечеме од нашите територии. Но, не станува збор само за законот. Таму живеат луѓе, 300.000 луѓе… Не можеме да ги изгубиме овие луѓе – нагласи тој.

Во интервју за Фокс њуз, Зеленски истакна дека територијалното прашање останува најголемиот предизвик во речиси завршениот мировен план од 20 точки, чија цел е ставање крај на целосната руска инвазија. Според него, Украина и Русија имаат спротивставени позиции, додека Соединетите Американски Држави се обидуваат да посредуваат и да најдат компромис.

Зеленски откри дека планот е завршен околу 90 проценти, а нерешени остануваат само две точки, од кои клучната се однесува токму на териториите. Тој призна дека станува збор за тешко прашање, но подвлече дека повлекувањето не е опција, ниту поради жртвите, ниту поради присуството на украинската армија и цивилното население.

Украинскиот претседател говореше и за можните компромисни решенија, посочувајќи дека Киев предложил воспоставување демилитаризирана слободна економска зона, во која двете страни би презеле заеднички чекори и би ги повлекле своите сили.

Осврнувајќи се на меѓународната поддршка, Зеленски нагласи дека американската помош останува клучна за одбраната на земјата, особено во делот на противвоздушната одбрана. Без поддршката од САД, рече тој, Украина не би можела ефикасно да го брани своето небо од руските напади со ракети и беспилотни летала.

Тој изрази скептицизам кон намерите на рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи дека не верува оти Москва сака успешна и стабилна Украина, и дека континуираниот притисок од Вашингтон е неопходен за да се постигне одржлив мир.

Зеленски информираше и дека Украина бара долгорочни, правно обврзувачки безбедносни гаранции од САД, во траење од најмалку 15 години, кои би обезбедиле стабилност по евентуалното завршување на војната, без формално членство во НАТО.

И покрај заморот од војната, украинскиот претседател посочи дека јавната поддршка за мир е висока, но дека мнозинството граѓани се против повлекување од источните региони, вклучително и Донбас. Според него, Украина нема алтернатива освен да бара мир под прифатливи услови, бидејќи секоја друга опција значи продолжување на војната.

Слични вести