Сѐ уште член на СДСМ и поранешен функционер, Јован Деспотовски, синоќа повторно порача дека неговата матична партија „не се однесува на овој начин“, нагласувајќи дека станува збор за поединци кои, како што рече, „се кријат зад големото име на СДСМ и ѝ нанесуваат штета и срам“.
Деспотовски категорично демантираше каква било соработка со владејачката партија, посочувајќи дека комуникација постои со сите политички чинители уште од изминатите 30 години.
– Мала е државата. Комуницирам исто како и со моите сопартијци и другари – изјави тој.
Тој откри дека во последните денови добил голем број повици од пријатели и сопартијци кои му дале поддршка, но и му порачале дека случувањата во СДСМ во моментов претставуваат срам за партијата.
Во врска со соопштението на СДСМ во кое се најавува негово можно исклучување од партијата, Деспотовски изјави дека „за првпат по 30 години останал без коментар и без зборови“.
Говорејќи во емисијата „Тема на денот“, тој реагираше и на повикувањата на „антифашистички вредности“ во партиското соопштение:
– Мојот дедо Јоле Деспотовски, по кого сум крстен, беше партизан кој учествувал во борбите за ослободување на Скопје и на Сремскиот фронт. Нема да дозволам некој да го валка моето име поради нечии ситни игри кои не можат да се разберат. Нема да дозволам овој срам да ѝ се случува на мојата матична партија – рече Деспотовски.
Тој истакна дека СДСМ на ваков начин не може да се обедини поради длабоките внатрепартиски недоразбирања и нагласи дека, и по една и пол година, состојбите во партијата сѐ уште не се средени.
– Наместо да отвориме политички фронт кон власта, ние си копаме ровови меѓу себе. Вака не се обединува партија – додаде поранешниот директор на ТИРЗ.