Предлог-законот за правична застапеност ќе мора да претрпи сериозни доработки доколку навистина има амбиција да се усогласи со меѓународните стандарди и да прерасне во функционален механизам за вработување врз основа на заслуги.
Иако Венецијанската комисија му даде „зелено светло“ на текстот, во самото мислење јасно се детектира суштинскиот проблем – нацртот останува премногу општ и не нуди одговор на клучното прашање: како, всушност, ќе изгледа регрутирањето во пракса.
Комисијата предупредува дека без прецизни правила, јасна хиерархија на критериуми и ефективни заштитни механизми, ризикот од релативизирање на принципот на заслуги останува реален. Оттука, позитивното мислење не треба да се чита како безрезервна поддршка, туку како условна согласност – со јасна порака дека законот мора да се доуреди за да не остане уште една декларативна рамка, наместо реална алатка за фер и правично вработување.
„Комисијата сака да ги даде следните клучни препораки, вклучување подетални прописи во нацрт-законот, со кои ќе се разјасни како треба да се избалансираат принципите на „соодветна“ и „фер“ застапеност, како процесот на вработување треба всушност да функционира во пракса и кој механизам треба да се примени за да се обезбеди дека етничките критериуми за вработување не се користат на начин што може да го загрози вработувањето врз основа на заслуги. Јасно разјаснување во законот дека квалификациите се примарен критериум за вработување во јавни тела, дека припадноста кон недоволно застапена заедница може да се смета за второстепен критериум за подеднакво квалификувани и компетентни кандидати, и дека посебните мерки во корист на недоволно застапените заедници или на поединци кои припаѓаат на такви заедници треба да бидат во согласност со принципот на пропорционалност, кој бара, меѓу другото, таквите мерки да не се протегаат, во време или во опсег, надвор од она што е потребно за да се обезбеди целосна и ефективна еднаквост. Давање повеќе насоки за објективните критериуми што треба да се користат за да се потврди самоидентификацијата на кандидатот, кои се тесно дефинирани, строго неопходни и целосно усогласени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства; и утврдување на органот надлежен за таква верификација, како и последиците од докажана злоупотреба,“ пишува во заклучокот на Комисијата.
Мислењето на Венецијанската комисија владејачката коалиција Вреди го толкува како успех и чекор кон транспарентност и еднаквост за сите граѓани. Наспроти тоа, потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, оценува дека предложениот закон не може да го замени досегашниот механизам „Балансер“.
Овие спротивставени реакции доаѓаат откако викендов, на барање на премиерот Христијан Мицкоски, беше доставено мислењето од Венецијанската комисија. Со Предлог-законот за правична и соодветна застапеност треба да се замени алатката „Балансер“ за вработување во јавните институции, која Уставниот суд ја укина во октомври минатата година.
„За првпат правичната застапеност не останува заложник на политичката волја на владите, партиските пазарења или изборните манипулации, туку е регулирана со јасен, обврзувачки и надгледлив закон. Со овој закон, Вреди ја затвора клучната алка на Охридскиот договор. Фактите се неоспорни: Венецијанската комисија, највисокиот европски орган за уставни и правни прашања, исто така даде позитивно мислење за истиот закон. Ова дефинитивно ја побива пропагандата на ДУИ, која со години зборуваше за застапеност, но никогаш немаше храброст, волја и политичка чесност да ја регулира со закон,“ стои во партиската реакција на Вреди.
Подоцна, потпретседателот на ДУИ во своја објава на социјалните мрежи реагираше дека предметниот Предлог-закон не може да го замени механизмот „балансер“ бидејќи истиот има многу недостатоци.
„Зошто новиот закон за „фер и соодветна застапеност“ е слаб и не може да биде замена за „Балансерот“? Бидејќи повеќе не е задолжителен, туку ориентирачки. Бидејќи не дејствува автоматски, туку зависи од волјата на администрацијата. Бидејќи не го блокира донесувањето одлуки кога е нарушена застапеноста, туку само ја евидентира. Бидејќи не дејствува ex ante туку ex post. Бидејќи не создава директни правни последици за непочитување. Бидејќи ја поместува еднаквоста од закон во јавна политика. Бидејќи дозволува толкување, одложување и релативизација. Бидејќи не гарантира вистинска застапеност, туку управување со застапеноста. Балансерот функционираше затоа што не оставаше простор за импровизација. Овој закон остава само простор. А кога законот создава простор, нееднаквоста секогаш го експлоатира. Не треба да помине!“ стои во објавата на Бујар Османи.
Претходно, Арбен Фетаи, вицепремиерот за добро владеење соопшти дека Предлог-законот за правична и соодветна застапеност добил позитивно мислење од Венецијанската комисија.
С.Т