Западен балкан е под злонамерно влијание, да остане во фокусот на НАТО, им порача Муцунски на сојузниците

by irena 16:45
16:45

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО, кој изминатите два дена се одржа во шведскиот град Хелсингборг, пред сојузниците изјави дека регионот на Западен Балкан мора да остане во фокусот на НАТО, бидејќи е изложен на злонамерно влијание.

Во своето обраќање пред сојузниците, тој се осврна на безбедносната ситуација во регионот предупредувајќи оти Западниот Балкан останува ранлива област во Европа, изложена на сериозно и злонамерно влијание од надворешни фактори. Поради овие континуирани безбедносни ризици, тој рече дека регионот мора и понатаму да остане високо во фокусот на НАТО.

На состанокот на министерите за надворешни работи главна тема на разговори беа актуелните глобални безбедносни предизвици и подготовките за претстојниот голем самит на Алијансата што во јули, кој треба да се одржи во Анкара.

Муцунски ги потврди заложбите на Владата за исполнување на обврските што земјата ги има преземено преку зголемено финансирање на домашната одбрана, што директно ќе придонесе кон колективните напори на Алијансата.

Тој истакна дека е неопходен забрзан развој и модернизација на одбранбената индустрија и зголемување на производството, како главен предуслов за создавање посилна Европа во рамките на едно посилно НАТО.

Во однос на руската агресија врз Украина, шефот на македонската дипломатија ја реафирмира континуираната поддршка за Украина и ја нагласи важноста од обезбедување континуитет и предвидливост на помошта за Киев, паралелно со дипломатските напори за изнаоѓање праведно решение за конфликтот.

Слични вести