Институциите избираат „мека имплементација“ на Законот за заштита од пушење, рече советникот во министерството за здравство, Никола Грбачевски. Според Грбачевски, власта не ретерира туку го намалува судирот меѓу јавноздравствената цел и економската реалност во угостителството. Сепак, тој не посочи колку ќе трае фазата на имплементација.
-Во дијалог со јавноста и со бизнис заедницата ќе одиме со мека примена на законот што ќе значи на почеток опомени, едукација, рамо до рамо работа во правец на исполнување на условите, создавање јавни простори без чад. Дали законот ќе биде донесен до 1 март, зависи од многу фактори.
Водиме институционална дискусија, добиваме фидбек од сите засегнати во имплементацијата. Ставот на Министерството е дека законот треба да биде донесен што е можно поскоро, но имплементацијата би одела фазно, односно прво би се изрекувале опомени, па потоа казни – рече тој на ТВ 21.
Засега јасно е дека со новиот закон ќе биде забрането пушење на класични цигари, електронски цигари и користење уреди со загреан тутун во сите јавни и затворени простории.
-Согласно европските стандарди, веќе забраните се изнесуваат и надвор на отворен простор, односно се ограничува пушењето и на отворен простор. Нема да смее да се пуши ниту во приватен автомобил доколку во него има дете.
Пред влезовите на училиштата и градинките нема да смее да се пуши, туку ќе мора да има одредена дистанца, а колкава ќе биде таа, оставаме на совеста на граѓаните. На игралиштата каде што играат деца ќе биде забрането, за децата да не бидат изложени, односно да не гледаат како се пуши – рече Грбачески.
Во однос на тоа колкав период ќе траат фазите за прилагодување кон законските измени, тој рече дека и тоа е нешто што сега се усогласува.