За шест месеци застарува случајот „Талир 2“, за изградбата на „Белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ

by valentina 13:18
13:18

„Белата палата“ и уште десетина недвижнини на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ остануваат замрзнати, односно не може да се продаваат или издаваат под кирија. Нова одлука што ќе се случува со партискиот имот ќе треба да донесе Кривичен совет на Кривичниот суд, бидејќи Апелација донела решение дека за ова прашање не треба да одлучува судечкиот судија.

Имено, кога од партијата побараа одмрзнување на имотот, судечката судијка Даниела Алексовска -Стојановска, предметот го даде на одлучување во Кривичниот совет, но од таму се прогласија за ненадлежни и го вратија кај судијката. Таа донесе решение за замена на постоечката мерката за забрана за закуп, со нова мерка, забрана за располагање со средствата од закупот. Ова значеше дека партијата ќе може да го изнајмува имотот под кирија, но не смее да ги користи парите. На ова решение партијата поднела жалба пред Апелација, од каде што решиле дека за ова прашање треба да одлучи Кривичниот совет.

Бидејќи решението на судијката е неважечко, останува на сила првичната забрана за продавање и издавање на имотот под кирија. Одбраната, пак, бара целосно одмрзнување и располагање на партијата со имотот.

Цели шест години трае судењето за случајот „Талир 2“, отворен уште во времето на СЈО. Останаа само шест месеци за џа или бу, односно да се види дали владејачката партија освен моќта, ќе си го врати на сигурно и богатството од 17 милиони евра замрзнат имот. Доколку до следниот август не биде донесена правосилна пресуда, случајот ќе застари.

На денешното рочиште одбраната читаше докази, а за следното рочиште е предвидено да сведочи Кирил Божиновски.

Пред три години сликата беше сосема поинаква, бидејќи тогаш државата беше на чекор сиот партиски имот да го префрли на своја тапија, бидејќи имаше првостепена осудителна пресуда. Тогаш Кривичниот суд одмери шест години затвор за екс премиерот Груевски и условна казна за Божиновски. Беше наложена и конфискација на партискиот имот, но становите и нивите никогаш не се префрлија на име на државата, бидејќи пресудата падна на Апелација поради скандалозните измени на Кривичниот законик.

По направената преквалификација на обвинението, судењето почна од почеток. Во меѓувреме од прогон се спаси Божиновски, за кого делото застаре, а кривичниот прогон за Груевски и партијата продолжи.

В.В.

Слични вести