За новата Влада на Мицкоски ќе се гласа на 13 јули

by vlatko 19:17
19:17

За точно десет дена од сега Македонија ќе добие новата влада. Доцна попладнето во Собранието пристигна предлогот потпишан од Христијан Мицкоски за разрешување и избор на членови на Владата, по што првиот парламентарец Африм Гаши експресно ја закажа седницата за понеделник 13 јули во 11 часот.

На седница, прво ќе бидат разрешени осум актуелни министри и двајца заменик-министри опфатени со реконструкцијата на Владата на премиерот Христијан Мицкоски, а потоа ќе се гласа за предложените осум нови министри.

За нови членови на Владата се предложени Јетон Шасивари за правда, Агрон Ферати за односи меѓу заедниците, Седат Сулејмани за култура и туризам кој досега беше заменик-министер, сите тројца од ВРЕДИ, потоа Борче Серафимовски од ЗНАМ за земјоделство, а од ВМРО-ДПМНЕ се Сашо Клековски за здравство, Ѓоко Велковски за социјална политика кој досега беше заменик-министер и Ерџан Демир за министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите, како и Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите, кој досега беше за односи меѓу зедниците, е предложен за министер за локална самоуправа.

Претходно треба да бидат разрешени досегашните министри Игор Филков за правда, Цветан Трипуновски за земјоделство, Азир Алиу за здравство, Фатмир Лимани за социјална политика, Златко Перински за локална самоуправа, Зоран Љутков за култура и Шабан Салиу без ресор.

Пред два дена премиерот Христијан Мицкоски рече дека со реконстукцијата се укинува досегашниот ресор за добро владеење, каде минатиот месец оставка поднесе министерот Арбен Фетаи по неколкумесечно недоаѓање на работа, и тој ресор ќе биде директно под ингеренции на кабинетот на премиерот.

Мицкоски изјави и дека Демократската партија на Турците влегува во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ќе добие министер без ресор.

З.Ф.

Слични вести