Во новиот владин кабинет што треба да се оформи по најавената реконструкција, најголемо внимание привлекоа два предлози за министри на ВЛЕН, поради тоа што станува збор за целосно нови имиња, во смисла дека не биле дел од досегашната власт, ниту досега имале било каква извршна функција.
Еден од нив е предлогот за нов министер за правда Јетон Шасивари, професор на Правниот факултет при Штуловиот универзитет, кој на министерската функција не доаѓа како партиско решение, туку како надворешен експерт.
За разлика од Шасивари, идниот министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Агон Ферати, за многумина е целосно нов лик, меѓутоа се работи за човек кој своевремено имал одредено политички искуство, иако неколку години беше надвор од јавниот живот.
Имено, Ферати е магистер по бизнис администрација кој за првпат се промовираше како шеф на кабинет на лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Меѓутоа, кога изби расколот во ДПА, откако Зијадин Села влезе во конфликт со Тачи и го формираше Движењето за реформи во ДПА во 2015 година, кое всушност му претходеше на Алијанса за Албанците, Ферати му се приклучи на Села и стана негов потпретседател.
Сепак, набргу потоа Ферати исчезна од јавноста, се додека не беше предложен за министер за политички систем и односи меѓу заедниците како кадар на ВЛЕН, што очигледно укажува дека во меѓувреме тој бил активен во рамки на оваа коалиција, која неодамна се трансформираше во една политичка партија.
Во меѓувреме, според неговата официјална биографија доставена до пратениците, Ферати од 2013 година досега работи во Општина Тетово како советник за управување со проекти финансирани од ЕУ, додека во периодот 2023-2024 година бил дел од УНОПС како експерт за ЕУ-Поглавје 8.
Сега, Ферати ќе застане на чело на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое се формираше во 2019 година по укинувањето на некогашниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, кој секогаш бил раководен од страна на етнички Албанец.
Арно ама, овој принцип или непишано правило се прекрши по последните парламентарни избори во 2024 година, кога прв човек на трансформираниот Секретаријат за Рамковниот договор во Министерство за односи меѓу заедниците стана лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ.
Со неговото именување на висока владина позиција, премиерот Христијан Мицкоски на некој начин му возврати на Стоиљковиќ поради тоа што беше еден од ретките коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со лидерот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски, кои не потклекнаа под притисоците кога поранешната власт на СДСМ и ДУИ „ловеше“ пратеник повеќе од „другата страна“ за постабилно владејачко мнозинство, или, пак, за двотретинско мнозинство.
Меѓутоа, именувањето на Стоиљковиќ на чело на ресор кој, условно кажано, се сметал „резервиран“ за албанскиот коалициски партнер, беше доволна основа и причина за албанската опозиција предводена од ДУИ да ја напаѓа владата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН дека е антиалбанска и дека е против Рамковниот договор.
Покрај тоа, ДУИ и другите албански опозициски партии постојано го обвинуваа Стоиљковиќ дека е дека од т.н. српски свет, па дури го обвинуваа за конекции и релации со Русија, што впрочем бил и еден од главните аргументи на Изет Меџити и Биљал Касами во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ зошто ВЛЕН треба да го презеде Министерството за односи меѓу заедниците.
Со оглед на целата разврска, Мицкоски по се изгледа ги прифатил овие аргументи, но тој одбива целосно да се откаже од Стоиљковиќ, имајќи во предвид дека тој беше назначен за прв човек на друг владин ресор, односно за нов министер за локална самоуправа.
Така, досегашниот министер за локална самоправа Златко Перински стана в.д. директор на Фондот за здравство, место што се ослободи откако досегашниот директор Сашо Клековски стана нов министер за здравство на местото на Азир Алиу.
Што се однесува до другите најавени промени во рамки на претстојната владина реконструкција (точката за избор на нови членови на Владата е на дневен ред на собраниска седница закажана на средината на месецов), нема целосно нови имиња, туку дел од досегашните заменици-министри ќе напредуваат во министри, како што се случаите со министерсвата за социјала и за култура.
Влатко Стојановски