За една недела четврта железничка несреќа во Шпанија

by irena 15:24
15:24

Приградски воз денеска се судри со кран во југоисточна Шпанија, соопштија службите за итни случаи, во четвртата железничка несреќа во земјата за помалку од седум дена. Несреќата се случила во близина на пристанишниот град Картахена, во регионот Мурсија.

Според властите, четири лица се здобиле со полесни повреди и добиле медицинска помош на лице место.

Портпаролот на службите за итни случаи на Мурсија изјави дека возот не излетал од шините, ниту се превртел, и дека првите повици за инцидентот биле примени веднаш по пладне.

Шпанија сè уште се опоравува од сериозната железничка несреќа што се случи во неделата во јужниот регион Андалузија, кога брз воз се судри со друг воз и притоа загинаа најмалку 43 лица. Таа трагедија предизвика силна јавна загриженост за безбедноста на железничкиот сообраќај во земјата.

Само два дена подоцна, приградски воз излета од шините во близина на Барселона откако се урна заштитен ѕид на пругата поради обилни дождови. Во таа несреќа загина машиновозачот, додека четворица патници беа тешко повредени.

Истиот ден, уште една несреќа беше регистрирана во североисточниот регион на Каталонија. По тие настани, главниот синдикат на машиновозачи свика национален штрајк, барајќи подобрени безбедносни стандарди и дополнителни мерки за заштита на железничката инфраструктура.

Слични вести