Министерството за финансии официјално поднесе барање до 22 меѓународни финансиски институции и странски комерцијални банки од кои ќе очекува да пројават интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга долж Коридорот 10.
Износот кој се бара за реализација на проектот е 1,91 милијарда евра, наместо првично најавените 1,3 милијарди и тој износ ќе треба да го гарантира Владината агенција на Обединетото Кралство за финансирање на извозот.
Барањето е доставено до институции со кои Македонија соработувала претходно на проекти или во моментов соработува, како што се: Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Фондот за меѓународен развој на ОПЕК, Француската развојна агенција, Италијанската развојна банка, Јапонската агенција за меѓународна соработка, како и банките: КФВ Развојната банка, германската ДЗ Банка, Морган Стенли, Уни Кредит Банка Австрија, Сити банк, ЏП Морган, Дојче Банк, Сосиете Женерал, Рајфајзен банк, ЕРСТЕ банк, Банка ИМИ, британската Стандард чартерд, Банка на Америка, јапонската МУФГ Банка, како и американската Голдман Сакс.
Француската развојна агенција веќе изрази интерес за инвестирање во Македонија откако се вклучи како трет најголем инвеститор во фондот што ќе гради ветропарк во Македонија преку нејзиниот огранок за финансирање на приватниот сектор „Proparco“.
Еден од големите инвеститори во фондот на „Алказар“ за неговиот ветропарк крај Штип е германската „KFW DEG“, подружница на германската државна инвестициска и развојна банка „KFW“ со седиште во Франкфурт од која нашето министерство за финансии очекува да пројави интерес за кредитирање на брзата пруга.
Во меѓувреме, развојната банка, освен што инвестира во „Алказар“, му одобри на македонскиот државен енергетски оператор ЕСМ кредит од 55 милиони евра за изградба на фотоволтаичната електроцентрала.
Писмо за изразување на интерес за кредитирање на брзата пруга добија и Европската инвестициска банка (ЕИБ), која е банка формирана од ЕУ и сопственост на 27 земји-членки на ЕУ, како и добропознатата Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), со седиште во Лондон. ЕБОР е во сопственост на 73 земји и две институции на Европската Унија, а најновиот акционер е Алжир од октомври 2021 година. Овие две банки, ЕИБ и ЕБОР се вклучија во кредитирање на проектот на „Алказар“ за ветропарк во Источна Македонија.
Заедно со барањето Министерството за финансии испраќа до меѓународните финансиски институции и банките и образложение за проектот подготвено од Министерството за транспорт и врски и МЖ Инфраструктура, а кое исто така е разгледано од страна на Владата.
Вицепремиерот Александар Николоски е уверен дека државава ќе го има најдобрите услови за финансирање за брзата пруга. Очекува финансирањето да биде прецизирано до средината на јули по што ќе се влезе во селекција и уверува дека ќе биде избрана најдобрата понуда. Притоа, како што посочува, ќе се бара да биде заедничко проектирањето и изведбата и да има фиксен рок за изградба, односно пет години.
Во интервју за Канал 5 телевизија Николоски оцени дека ова е голема шанса и предизвик за домашните градежни комапнии кои доколку се подготвени можат 100 проценти да го завршат градежните активности.
Смета дека изградбата на брзата пруга е еден од приоритетите затоа што сега на стопанствениците им се потребни понекогаш и денови за да ја превезат стоката.
– Заради состојбата на пругата, на голем дел од неа се вози со 20 до 30 километри на час и просекот на поминување е 12 часа. Кога тоа ќе го помножите со фреквенцијата односно ако има две композиции, тогаш третата ќе мора да чека, посочи Николоски кој прецизно објасни дека според сите пресметки, дури и транспортот се наплатува по половина цена од таа која важи во ЕУ (ние да наплаќаме по едно евро од км, наместо по две евра колку што се наплатува во ЕУ), ќе се заработуваат 120 милиони евра годишно.
Премиерот Христијан Мицкоски излезе дека е поголем оптимист и од Николовски откако рече дека очекува годинава да почне изградбата на брзата пруга.
– Очекувам периодот формално да испратат дописи до потенцијалните заемодавачи. Ако сѐ биде како што треба, оваа година очекувам почеток на изградбата на оваа пруга што ќе значи многу во историска и во транспортна смисла – изјави Мицкоски денеска од Битола.
Неговиот оптимизам го намали министерката за финансии,Гордана Димитриеска-Кочоска која рече дека не се предвидени повлекување на средства ниту оваа, ниту наредната година за проектот брза пруга. Верува дека ќе има добри понуди од меѓународните финансиски институции.
– Ќе следи анализа на понудите, а потоа ќе има закон за задолжување, а имаме и избори. Со информациите што ги имаме од Министерството за транспорт и врски првите исплати ќе бидат во 2027 година – рече Димитриеска-Кочоска во интервју за „Сител“.
Орце Костов