Вучиќ: На српскиот народ не му треба „второ полувреме“ и повторување на настаните од 90-тите

by irena 18:12
18:12

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека Србија мора да ги зачува мирот и стабилноста и да остане фокусирана на својот економски раст, како и дека на српскиот народ не му треба „второ полувреме“, односно повторување на настаните од 90-тите години.

Вучиќ, на панелот „Неопходност од прилагодување: Конкуренција и трговија во новата ера“ во рамките на форумот „GLOBSEC BELTALKS“, одговарајќи на прашањето дали критиките од Брисел поврзани со погребот на Ратко Младиќ ќе влијаат врз европските инвестиции во Србија, рече дека тоа веќе имало влијание и дека не го потценува тоа.

– Би било лесно да барам оправдувања, но не сакам да го правам тоа. Лесно е да се најде жртвено јагне и да се каже дека имаме дежурен виновник – секогаш тоа е Србија, тоа е Вучиќ – но никој не ја анализирал ситуацијата длабински. Кога воениот злосторник Праљак изврши самоубиство во Хаг во 2017 година, во хрватскиот парламент имаше изјава за сочувство и едноминутно молчење, а донесоа и декларација во која сите шест пресуди против хрватските генерали се неприфатливи – рече Вучиќ и продолжи:

– Никој не сакаше да се запраша дали и ние сносиме некаква вина. Никој не праша зошто овие луѓе во толкав број присуствуваа на погребот. Тоа е затоа што на луѓето им е преку глава од понижувањата. Србите беа единствените што не сакаа да се отцепат од Југославија, а само Србите беа обвинети и осудени на затворски казни. Дејтонскиот договор е изменет десетици пати. Ние го исполнивме Бриселскиот договор од 2013 година – за жал, ги распуштивме полицијата и судскиот систем – а тие сè уште ја немаат формирано Заедницата на српски општини (ЗСО). А поминаа 13 години. ЕУ беше сопотписник. Зар не ја гледате причината? – рече тој.

Претседателот изјави дека можеби не сме толку далеку од најлошото можно сценарио и затоа им порачал на своите сонародници дека мораме сè да оставиме зад себе и да се фокусираме на нашиот економски раст.

Тој наведе дека може да ги разбере емоциите на луѓето, но и истакна дека не е задоволен кога емоциите се на толку високо ниво.

– Затоа пред два-три дена им реков на моите сонародници: мораме сè да оставиме зад себе, мораме целосно да се фокусираме на нашиот економски раст. Не ни требаат војни, не ни треба „второ полувреме“. Можеби сме единствените на кои не им треба никакво „второ полувреме“. Не ни требаат конфликти, тепачки, конфронтации или што и да е друго. Имаме одлична стапка на раст, имаме добра економија, ниско ниво на јавен долг во однос на БДП, а кога станува збор за нето-платите, дури и ги престигнуваме некои земји од ЕУ. На тоа треба да се фокусираме. Во спротивно, ќе се повтори она што се случи во деведесеттите години – нешто што ние ќе го спречиме и ќе го избегнеме по секоја цена – нагласи Вучиќ.

Слични вести