Исходот на претстојните локални избори во албанскиот блок ќе ја одреди и целокупната политичка диманика, од причина што ако ДУИ постигне убедлива победа, тогаш многу тешко ќе му биде на ВМРО-ДПМНЕ да продолжи мирно да владее со ВЛЕН, односно ќе биде под притисок да прифати предвремени парламентарни избори. Но, колку изборниот резултат ќе биде производ на пласираните наративи на спротивставените страни, толку ќе биде производ и на други фактори, кои повеќе се доведуваат во корелација со чистата политичка прагма и математика. Од таа гледна точка, исклучително важна може да биде предноста што Таравари ќе му ја донесе на ДУИ по напуштањето на власта, од една страна, како и поддршката што Мицкоски ќе им ја обезбеди на партнерите од ВЛЕН, од друга страна.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Веднаш по политичките промени што се случија по ланските парламентарни избори, беше повеќе од јасно дека претстојните локални избори ќе бидат второ полувреме од битката во албанскиот блок. Ако изборниот резултат во македонскиот дел беше чист и јасен, бројките во албанскиот камп беа предмет на различна интерпретација, со оглед дека мултиетничката коалиција на ДУИ прогласи победа поради поголемиот број освоени гласови. Меѓутоа, ВЛЕН тврдеше дека, кога ќе се одземат гласовите на Турците, Бошњаците и Ромите од контото на Европскиот фронт, произлегува дека тие освоиле мнозинство од гласовите на етничките Албанци.
Како и да е, ДУИ оттогаш почна да гради наратив дека ВЛЕН немаат легитимитет да ги претставуваат Албанците и дека се сервилен партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, која, според нив, укинува стекнати права на малцинствата и го поништува Охридскиот договор. Како одговор, ВЛЕН пласираше наратив дека ги ослободиле Албанците од дведецениското владеење на интегративците, кое, според нив, било полно со криминал, корупција и злоупотреби, за што најдобра потврда се отворените истраги за финансиски криминал, но и „црната листа“ на САД.
Иако политиката се дефинира и како уметност на можното, што подразбира дека таа повеќе треба да се темели на реалните политички параметри отколку на идеологија и вредности, сепак, кај нас честопати политиката се сведува на борба меѓу две политички вистини, пропаганди, па, слободно можеме да кажеме, и илузии. Со други зборови, наративите и на ДУИ и на ВЛЕН се делумно основани и делумно хиперболизирани, но притоа не е најбитно кој од нив е повеќе поткрепен, туку кој повеќе ќе продре во јавноста и меѓу граѓаните, макар и станувало збор за класична пропаганда или целосна илузија.
Оттука, (не) ефективноста на двата доминантни наратива ќе биде еден од главните фактори што ќе го одреди изборниот исход во албанскиот блок, а тоа посредно ќе ја обликува и целокупната политичка динамика, од причина што ако ДУИ постигне убедлива победа, тогаш многу тешко ќе му биде на ВМРО-ДПМНЕ да продолжи мирно да владее со ВЛЕН, односно ќе биде под притисок да прифати предвремени парламентарни избори. Но, колку изборниот резултат ќе биде производ на успешната пропаганда или илузија, сеедно, толку ќе биде и производ на други елементи, кои повеќе се доведуваат во корелација со чистата политичка прагма и математика.
Како што е познато, ДУИ успеа на своја страна да го привлече Арбен Таравари, кој пред последните избори одлучи да се отклони од ДУИ и да се приклучи кон ВЛЕН, што на некој начин ги запечати политичките промени во албанскиот блок, меѓутоа предизвика поделба на Алијанса за Албанците, бидејќи неговиот потег беше во колизија со позицијата на дотогашниот соработник Зијадин Села. Всушност, Али Ахмети сега успеа да го стори тоа што не му успеа на минатите избори, а тоа е да се обедини со Алијанса, со таа разлика што оваа партија веќе не е хомогена структура, туку збир на повеќе раскарани фракции, од кои една на чело со Арбен Фетаи остана во ВЛЕН и во Владата.
Своевремено, Алијанса важеше за најсилна партија по ДУИ, но тоа беше во време кога АА дејствуваше како природен противник на ДУИ. Во меѓувреме, оваа партија се здружи со интегративците, поради што во голема мера го загуби идентитетот, но и капацитетот, особено откако влезе во процес на постојани раслојувања. Колку реално сега тежи оваа партија во целост, или нејзините фракции одделно, не може конкретно да се каже, ниту да се претпостави, бидејќи одамна не настапила на избори самостојно или барем како носител на коалиција, а не како помал партнер во поголема коалиција.
И покрај тоа, Таравари ќе биде одредено засилување за ДУИ од повеќе причини. Прво, тоа што тој излезе од ВЛЕН и се приклучи кон ДУИ, ќе има двоен ефект, во смисла дека оние гласови што ќе ги пресели во ДУИ ги одзема директно од ВЛЕН. Второ, тој на сите анкети имаше најголем индивидуален рејтинг од сите лидери на ВЛЕН и втор по Ахмети. Трето, се проценува дека најголем дел од структурата на АА по неговата разделба со Села замина со Таравари. Арно ама, истовремено мора да се истакне дека во меѓувреме многу работи се променети.
Имено, постојаните лупинзи на Таравари дефинитивно го поткопаа неговиот авторитет и рејтинг. Потоа, тој успеа да обезбеди мнозинска поддршка во АА кога јавна на анти-ДУИ бранот, па големо прашање е колку сега вреди кога јава на спротивен бран, т.е. кога влезе во формална соработка со ДУИ, откако претходно тврдеше дека ќе настапи самостојно. Понатаму, загуби значаен дел од поддршката и на, условно кажано, клиентелистички настроени поддржувачи, кои стравуваат дека преселбата во опозиција ќе ги загрози нивните работни места во администрацијата или, пак, нивните амбиции за друг тип на привилегии и бенефиции што ги нуди власта.
Кога сето тоа ќе се земе во обѕир, Таравари очигледно ќе направи некаква штета врз ВЛЕН и ќе биде одредена корист за ДУИ, но тоа не може да се изрази во бројки. Наспроти тоа, може да се извлечат податоци, врз основа на кои може поточно да се проектира колкава би била помошта или поддршката што ВМРО-ДПМНЕ ќе му да ја даде на ВЛЕН на изборите. Инаку, премиерот Христијан Мицкоски веќе најави дека, со исклучок на Кичево, ВМРО нема да има кандидати за градоначалници во доминантно албанските општини, туку уште во првиот круг ќе ги поддржи кандидатите на ВЛЕН.
Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ги мобилизира и пренасочи своите поддржувачи кон кандидатите за градоначалници на ВЛЕН. Се разбира, ниту една политичка партија не ги носи своите симпатизери во џеб за да може како со копче да им наложува за кого да гласаат, но, исто така, мора да се знае дека етничките Македонци во мнозинско албанските средини обично инклинираат кон десницата. Згора на тоа, гласачите на десничарската ВМРО-ДПМНЕ важат за многу подисциплирани во споредба со оние на СДСМ, па полесно може да се исконтролираат, особено во контекст кога во случајов треба да гласаат против „архинепријателот“ ДУИ.
Со оглед на тоа, постојат сите предуслови ВМРО-ДПМНЕ значајно да одигра во прилог на кандидатите на ВЛЕН за градоначалници во Чаир, Тетово, Гостивар, Струга… А, дека се работи за респектабилна бројка на гласови, која лесно може да биде решавачка, покажуваат резултатите од последните изборни циклуси, кога ВМРО-ДПМНЕ во споменатите општини освојуваше по неколку илјади гласови. Доколку само дел од овие гласачи сега гласаат за ВЛЕН, а, судејќи според целиот амбиент и сите околности, се очекува тоа да го сторат над половина, тоа ќе биде значаен фактор, кој најверојатно ќе има пресудна улога за определување на конечниот исход, т.е. на победникот.
Па, ако се погледнат резултатите од минатогодишните парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ, на пример, во Струга освои 6.802 гласови, што е за над 2 пати повеќе од СДСМ, која освои 2.530 гласови. Поради коалицијата со Села, чиј бастион е токму Струга, на тие избори Европскиот фронт на ДУИ направи најдобар резултат во однос на ВЛЕН токму во овој град и оваа 5 изборна единица, со оглед дека соодносот беше 10.224 наспроти 4.607 гласови. Но, грубо кажано, ако овие бројки во целост се пресликаат на локалните избори, независниот кандидат Менди Ќура поддржан и од ВМРО и од ВЛЕН ќе го победи кандидатот на Ахмети и Села – Арсим Далипи, при што поголем импакт за таа победа би имал ВМРО отколку ВЛЕН.
Уште една битна општина за албанските партии е Гостивар, кој важи за упориште на Таравари, чиј кадар Валбон Лимани на локалните избори ќе се соочи со Себаедин Даути од ВЛЕН. Ако се направи споредба, на парламентарните избори ДУИ во Гостивар освои 11.080 гласови, а ВЛЕН освои 10.719 гласови, со тоа што треба да се нагласи дека на тие избори Таравари беше дел од ВЛЕН, додека на следните ќе биде партнер со ДУИ. Меѓутоа, ако разликата на претстојните избори не е преголема, тогаш главниот тас на вагата ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, која, колку за илустрација, на ланските избори во овој град освои 6.996 гласови, што е за над 3 пати повеќе од оние 1.973 гласови освоени од СДСМ.
Нешто слична е ситуацијата и во соседно Тетово, каде што ќе се судрат еден од лидерите на ВЛЕН и актуелен градоначалник Биљал Касами и потпретседателот на ДУИ Бајрам Реџепи. За разлика од Гостивар, лани во Тетово победи ВЛЕН со освоени 17.160 гласови, додека ДУИ освои 16.219 гласови. На истите избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 7.660 гласови, што повторно е драстично повеќе од конкурентот СДСМ, кој освои 1.849 гласови. Така, ако во Тетово се повторат овие бројки и на следните локални избори, тогаш нема дилема за конечниот исход во корист на Касами, дотолку повеќе што тој ќе смета на потенцијални над 7 и пол илјади македонски гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.
Се чини дека најинтересна битка ќе има во скопски Чаир, каде што ќе се натпреваруваат другиот фронтмен на ВЛЕН и прв вицепремиер Изет Меџити, кој ќе се обиде да освои 4-ти градоначалнички мандат во битка со потпретседателот на ДУИ Бујар Османи. На ланските двојни избори, Османи како претседателски кандидат го победи Таравари, меѓутоа на парламентарните избори ДУИ загуби во Чаир, имајќи предвид дека освои 11.032 гласови, а ВЛЕН – 13.570 гласови. Секако дека ловот на Данела Арсовска на дивоградби во Чаир прави штета врз ВЛЕН, но Меџити може да преживее мал пад во споредба со лани, бидејќи смета на поддршка од ВМРО, која во Чаир освои 3.090 гласови, додека СДСМ освои 1.037 гласови.
Горе-долу, слична е ситуацијата со повеќето големи албански општини, каде што ВМРО-ДПМНЕ има значајна предност кај етничките Македонци, а квантумот на гласови што го освојуваат може да биде пресуден при одлучување на победникот во градоначалничката трка во албанскиот блок, особено ако има тесна борба. Но, колку оваа поддршка од ВМРО може да му биде корисна на ВЛЕН, толку може да биде и проблем, пред се ако ДУИ почне кампања за масовна регрупација на Албанците со повик да не дозволуваат Македонците да им бираат градоначалници. Конечно, вистинската слика ќе ја искристализираат советничките листи, каде секоја партија и коалиција ќе остане со реалниот број на гласови и тоа нема да може да се замачка со манипулација на контигенти на гласачи.