Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска рече дека во рок од две недели ќе биде појасно дали е можен напредок во неговите напори за ставање крај на војната во Украина. Тој повторно ја отвори можноста за воведување нови, како што ги нарече, „масовни санкции“ врз Москва.
-Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека за две недели ќе знаеме во која насока одиме. Ако нема напредок, тогаш ќе донесеме одлука дали ќе воведеме масовни санкции. Тоа нема да биде лесна одлука, но можеби ќе биде неопходна – изјави Трамп.
Тој додаде дека во моментов не е задоволен од ниту еден аспект од досегашните мировни напори. Според него, омразата меѓу завојуваните страни е длабока и сериозна пречка за дијалог.
-Ќе видиме дали Путин и Зеленски ќе соработуваат. Знаете, тие се како масло и оцет. Тие навистина не се сложуваат од очигледни причини – рече Трамп.
Тој рече оти би сакал тие да се сретнат сами, без посредници и оти искрено, тој не би сакал да биде таму, иако ако треба, ќе биде. Неговата желба, вели, е тие да се погледнат еден со друг и сами да разговараат.