„Видов целосно уништени луѓе, врескаа“ – преживеани од возот во Шпанија открија морничави детали

by irena 11:01
11:01

Најмалку 39 лица загинаа во ужасна железничка несреќа во Шпанија вчера попладне. Петмина се во критична состојба, а 24 се сериозно повредени.

Според информациите од Цивилната гарда и андалузиската влада, сведоштвата на преживеаните зборуваат за хаос, заробени патници и згмечени и превртени вагони, објавува Ел Паис.

Сините светла на амбулантните возила постојано ја осветлуваа општинската сала во Адамуз, мал град со 4.600 жители кој стана засолниште за повредените и преживеаните. По полноќ, повеќето патници веќе беа однесени во болници или со автобуси до нивните дестинации, но тензијата не стивнуваше, особено меѓу семејствата кои пристигнаа во потрага по најблиските со кои не можеа да стапат во контакт.

Еден од нив е Рамон Монтон, кој очајно ја бара својата сопруга, Тамара Маргарита Валдес.

– Многу сум нервозен, сè уште не успеав да ја најдам, ми требаа три часа од Хуелва – призна тој.

Неговата сопруга патуваше со возот Алвија од Мадрид, кој беше удрен од возот Ирио од Малага, кој излета од сè уште непознати причини.

„Разговарав со неа 20 минути пред несреќата“, рече Монтон.

Таа не беше единствената што ја бараа.

– Бараме девојка од Хуелва која не можеме да ја најдеме. Пријател кој патуваше со неа во возот ни кажа дека не знае каде е – рече Марија, еден од волонтерите на Адамуз кои дојдоа да помогнат.

Семејството на Рикардо Чаморо Кализ (57), кој беше во возот, се обидува да го пронајде по несреќата.

– Го бараа во сите болници во градот, но тој не е во ниту една од нив – рече семејната пријателка Росио Лазарев.

Андалузиската влада ги замоли оние со полесни повреди да ги известат своите најблиски дека се добро преку социјалните мрежи.

Сантјаго (44) од Хуелва имаше повеќе среќа, но не може да се ослободи од вознемиреноста.

– Одеднаш ги почувствувавме сопирачките. Возот почна да се движи од една на друга страна сè додека не застана. Кога излегов, видов мртов човек. Се обидовме да стигнеме до првиот вагон, но тоа беше само куп железо. Луѓето викаа за помош, но беше многу тешко да ги извадиме – рече тој за првите моменти по несреќата.

Се сеќава дека им требало долго време на службите за итни случаи да пристигнат, „околу еден час“, и дека сите биле заглавени. Патниците кои ја преживеале несреќата опишувале еден драматичен момент по друг.

Росио, повреден патник во возот, рекол: „Беше страшно. Летавме низ воздухот. Ме боли се и сум со модринки. Фала му на Бога што сум добро, но имаше многу луѓе кои страдаа повеќе од мене“.

Хуан Мануел Сапиња (23) беше во третиот вагон од возот.

– Кога успеавме да излеземе, видовме дека вагоните 1 и 2 паднале како во бездна. Дојдовме да помогнеме и имаше луѓе со скршени раце и нозе, мртви луѓе. Беше многу шокантно, никогаш нема да го заборавам ова – рече тој.

– Има многу повредени, сè уште се тресам – рече М. С. Ј.(33), патник во шестиот вагон од возот Ирио.

Нејзиниот вагон и соседните вагони се судрија со предниот дел од возот Алвија.

– Одеднаш почувствувавме вибрации и многу удари, торбите почнаа да паѓаат, сè додека возот не застана. Мислевме дека штотуку сме скокнале од шините, но кога излеговме, видовме дека два вагона од другиот воз се згмечени и превртени – додаде таа.

Марија Видал (32) беше во четвртиот вагон.

– Беше како земјотрес – рече таа.

– Сè вибрираше. Одеднаш се закочи и светлата се изгаснаа. Ирјо рече дека ако има лекар, треба да одат во вагоните 6, 7 и 8. Потоа ни рекоа да не се движиме. Бевме таму околу 40 минути. Кога излеговме, видов луѓе целосно уништени. Страшни крици. Во шок сум. Родена сум повторно – рече таа.

Стравот не ја напушта Антонија Родригез, која патувала со Алвија – возот кој, според министерот за транспорт Оскар Пуенте, „најлошо помина“.

Гласот ѝ трепери додека вели: „Бевме во четвртиот вагон. Ќерка ми е бремена. Веруваме дека сè е во ред, ќе видиме“, објасни таа пред да влезе во амбулантното возило.

Во општинската сала, Бјанка Бирлеану (23) и нејзиниот партнер Хорхе Гарсија (23) се сеќаваат на моментот на ударот.

– Го почувствувавме првото сопирање, а за дел од секундата и второто, многу силно. Масата пред нашите седишта ни падна врз главите, светлата се изгаснаа и таванот на вагонот се урна – рече Бјанка.

– Сè беше во темнина. Кога излеговме, сфативме какви се размерите на она што се случило.

Тони Торес, (48), од Хуелва го доживеа она што таа го нарекува најдолгите секунди во нејзиниот живот. Патуваше со својот син.

– Кога се случи несреќата, сакав да го фатам син ми, но не можев. Светлата се изгаснаа и не знаев што се случило. Додека сè повторно не се вклучи и не го видов и не го слушнав, мојата душа не се врати во моето тело – рече возбудено, среќна што преживеале.

Слични вести