Претседателите на САД и на Русија, Дoналд Трамп и Владимир Путин се сретнаа на аеродромот во Енкориџ пред да заминат на разговори во воздухопловната база „Елмендорф-Ричардсон“.
Првата средба можеше да се следи на видеото што одеше во живо на Јутјуб каналот на Белата куќа. Трамп го пречека Путин, а додека рускиот претседател се приближуваше Трамп го поздрави со краток аплауз, по што следуваше ракување и краток разговор.
Потоа двајцата претседатели, движејќи се по црвениот килим, се упатија кон бината поставена на пистата каде уште еднаш се ракуваа за новинарските екипи, фоторепортерите и снимателите да можат да направат фотографии и снимки. По ова двајцата претседатели заедно се качија во црн кадилак.
Средбата, според најавите на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, би можела да трае најмалку 6-7 часа. Според него, Москва тргнува од претпоставката дека лидерите прво ќе имаат приватен разговор.