„На денешната седница на собраниската комисија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги одбија сите амандмани поднесени од страна на СДСМ на измените на скандалозниот Закон за полиција и Закон за внатрешни работи. Со ова, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не само што гласаа за партизација на полицијата, туку станаа соучесници врз растурањето на најважниот дел од безбедниот систем, полицијата и Министерството за внатрешни работи. Ударот што врз полицијата и професионалците во полиција го спрема Тошковски е удар и врз безбедноста на граѓаните и врз демократскиот поредок на земјата“ рече на прес-конференција во Собранието пратеникот од СДСМ – Миле Талески.
Тој посочи дека „амандманите на СДСМ се однесуваа на задржување на кариерниот систем, професионалноста и институционалниот интегритет на полициската униформа. Затоа што намерата на Тошковски е целосна демонтажа на функционалната структура на полицијата и создавање партиска милиција под негова контрола“.
„Баравме соодветна класификација на работните места во МВР, за да српечиме хаотично и селективно вработување само по партиски клуч. Баравме задржување на регионалните гранични центри за да ја сочуваме безбедноста на границите и да не дозволиме мигранти во иднина. СДСМ преку конкретни и разумни амандмани вложи напор да се задржи професионалноста и функционалноста на МВР. Но ВМРО-ДПМНЕ ги одби сите наши предлози – свесно, по налог, со политичка цел. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го следеа партискиот интерес наместо интересот на граѓаните и на државата“ рече Талески и порача:
„Забораваат дека на овој начин стануваат и тие заложници и идни жртви на Тошковски по рецептот на Никола Груевски“.