„Истите тие кои денес зборуваат за недостиг од социјален дијалог, ги потсетуваме на јануари 2024 година, кога тогашната влада на СДС и ДУИ поднесе пакет закони со кои сакаше суштински да ја смени методологијата за пресметката на платите. Со тие законски измени се предвидуваше минималната плата повеќе да не биде дел од формулата за пресметка на платите на административните службеници и покрај тоа што истото беше дел од колективниот договор кој тогаш го потпишаа ССМ и владата на СДС! Тоа ќе значеше дека секое идно зголемување на минималната плата нема автоматски да се одразува врз останатите плати во јавниот сектор. Или да кажеме појасно – прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за работниците“ рече на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Вели дека „последните измени на текстот тогаш не беа ставени ниту на ЕНЕР. Синдикатите тогаш јасно посочија дека првпат се запознале со предлог-законот од веб-страницата на Собранието. Немаше вистинска јавна расправа. Немаше суштински социјален дијалог преку Економско-социјалниот совет. Кој реагираше тогаш ? Тогашното раководство на ССМ дојде во Собранието. Заедно со нас, како тогаш опозициска ВМРО-ДПМНЕ, поднесовме амандмани и го спречивме носењето на тој закон“.
„Не дозволивме минималната плата да биде исфрлена од формулата. Не дозволивме платите да станат одвоени од реалниот раст на минималната плата. Токму затоа денеска платите растат секогаш кога расте минималната плата. Тоа е факт. Тогаш поднесовме над 40 амандмани! Еден од тие суштински амандмани беше токму предлог на ССМ – минималната плата и понатаму да биде дел од пресметката, со што линеарно би се зголемувале и другите примања. Ние и сега сме доследни. Затоа прашањето денес е едноставно: Зошто се премолчува што се случуваше во 2024 година? Зошто денес Трендафилов не го кажува тоа? Зошто не се кажува дека токму со заедничка акција го заштитивме принципот минималната плата да остане основа за пресметка?“ прашува Стојаноски.
Посочи „Кога сме во опозиција – спречуваме штета. Кога сме на власт – обезбедуваме системски раст. Работниците заслужуваат стабилност, предвидливост и целосна вистина. Не селективна меморија, не дневна политика“,