Протестот што беше најавен за денеска во 11 часот пред ЈП „Комуналец“ во Гостивар, по повик на Граѓанскиот форум Гостивар, не се одржа поради слабиот одѕив на граѓаните.
Иако преку јавно соопштение и објави на социјалните мрежи беше упатен повик за масовен протест, пред просториите на јавното претпријатие се собраа помалку од десетина граѓани, поради што не беше организиран протест ниту имаше обраќања до јавноста.
Пред објектот беа распоредени полициски службеници, а на местото беа присутни и новинарски екипи кои го следеа најавениот настан.
Протестот беше најавен во екот на епидемијата на гастроентеритис во Гостивар, додека надлежните институции ја истражуваат причината за загадувањето на водата за пиење.
Во рамки на истрагата, денеска беа приведени три лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар, а истражните дејствија продолжуваат.