(ВИДЕО) Канадска пливачка го сруши најстариот светски рекорд во пливање

by irena 17:45
17:45

Канаѓанката Самер Мекинтош го сруши светскиот рекорд на 200 метри пеперутка на Канадското првенство во пливање во Монтреал во неделата, соборувајќи го најстариот светски рекорд во пливање за жени.

Мекинтош, трикратна олимписка шампионка од Париските игри во 2024 година, ја освои канадската титула на 200 метри пеперутка со време од 2:01,65 минути, надминувајќи го претходниот светски рекорд од 2:01,81 поставен од Кинезинката Лиу Зиге во октомври 2009 година во Џинан.

Рекордот беше последниот преостанат светски рекорд во пливање за жени од таканаречената ера на „суперкостим“, кога пливачките во полиуретански костуми срушија бројни рекорди пред Светската пливачка федерација (ФИНА) да ги забрани во 2010 година.

„Како што можете да видите од моите емоции, ова ми значи апсолутно сè“, рече Мекинтош по историската победа.

„Растејќи, ова беше токму светскиот рекорд за кој мислев дека никогаш нема да го соборам. Да можам да го направам тоа вечерва пред домашната публика е навистина посебно. Ова ми значи сè. Сè уште сум во шок“ рече канадската пливачка.

Деветнаесетгодишната пливачка од Торонто ги исплива првите 50 метри за 27,45 секунди, а во финалето дополнително го зголеми темпото, поттикната од гласната поддршка на публиката.

„Последните 50 метри беа чист адреналин“, изјави Мекинтош.

„Ја слушав публиката како навива и знаев дека пливам со време под или многу блиску до светскиот рекорд. Тоа беше она што ме доведе до целта“ рече таа.

Мекинтош, чија мајка се натпреварувала на Олимписките игри во Лос Анџелес во 1984 година, сега е сопственичка на светски рекорди во четири дисциплини: 200 метри делфин, 200 и 400 метри мешано и 400 метри слободен стил.

На Олимписките игри во Париз, таа освои златни медали во дисциплините 200 и 400 метри мешано и 200 метри делфин.

Во досегашната кариера, таа има освоено осум светски титули, вклучувајќи ги и минатогодишните во дисциплините 200 и 400 метри мешано, 400 метри слободен стил и 200 метри делфин.

Слични вести