(ВИДЕО) Изгореа автомобили на паркингот под Кале

by vlatko 20:19
20:19

Пет патнички возила биле зафатени во пожар што избувна попладнево на улицата „Лазар Личеноски“, во непосредна близина на скопското Кале, спроти Градскиот стадион.

Според Противпожарната бригада на Град Скопје, во инцидентот две возила изгореле целосно, додека кај преостанатите три е причинета делумна материјална штета.

Пожарот бил пријавен во 15:40 часот, а првичните информации биле дека горат сува трева, смет и паркирани автомобили.

Командантот на Противпожарната бригада, Звонко Томески, за МИА потврди дека на терен веднаш биле испратени три противпожарни возила и осум пожарникари.

Благодарение на брзата реакција на екипите, пожарот бил ставен под контрола и спречено е негово дополнително ширење.

За пожарот информација е објавена и на фејсбук-страницата „Армија на Република Северна Македонија“.

Во објавата, која е проследена со видео, се вели дека денеска околу 15:40 часот, на поранешниот полигон за обука за моторни возила, професионалниот војник Христијан Божиновски, при заминување од работното место, забележал дека неколку паркирани возила се зафатени од пламен.

„Проценувајќи ја сериозноста на ситуацијата и опасноста пожарот да се прошири врз останатите паркирани возила, војникот Божиновски веднаш стапил во контакт со командирот на воениот стадион во Скопје, барајќи поддршка за локализирање на огнот. Припадниците на Армијата кои ја извршувале должноста на воениот стадион во Скопје, веднаш пружале помош, употребувајќи противпожарни апарати од едницата“, стои во објавата.

Слични вести