„Како не ви е срам да се препукувате пред родителите уште пред да почне седницата? Родителите чекаат девет месеци, вие барате еден час пауза“ порача претставникот на здружението „Support Kocani“ на почетокот на седницата на Анкетната комисија за трагедијата во дискотеката „Пулс“ каде загинаа 63 млади луѓе.
Реакција следуваше по барањето на дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за едночасовна пауза.
„Ние од ‘Support Kocani’ за еден час направивме цела веб-страница за помош на родителите и жртвите и тоа волонтерски. А вие сте платени да работите. Родителите немаат спиено девет месеци, а вие барате пауза од еден час?! Правата на родителите беа загрозени, а врз нив постојано се вршеше притисок преку вашите пропагандни медиуми. Како младите да продолжат да веруваат во системот?“ – рече Иван Ивановски, коосновач на „Support Kocani“.
Тој оцени дека постојат очигледни обиди да се избегне дебата за трагедијата и да се минимизира моралната одговорност на институциите.
Побараа политичка одговорност од министрите и владата, потсетувајќи дека тие се претставници на институциите кои, според нив, потфрлиле и дозволиле да се случи трагедијата.