Ирена Мулачка од Фокус ја доби првата награда “Никола Младенов” за најдобра истражувачка сторија за серијалот текстови поврзани со страшната трагедија во кочанската дискотека Пулс, во која загинаа 65 млади и над 200 беа повредени.
Веднаш после кобниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, Фокус започна серијал истражувања во која го открива името на вистинскиот сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ, по што обвинителството после неколку текстови започна истрага во која ги потврди сомнежите на „Фокус“. После одреден период беше одземена лиценцата на Агенцијата, а вистинскиот сопственик заврши во притвор и на обвинителна клупа.
“Фала МИМ на наградата. Голема чест е на 25 годишниот јубилеј да се добие првата награда за истражувачко новинарство.
Многу жално е што 2025 година ја одбележа таква страшна трагедија, а уште пострашно е тоа што криминалот, корупцијата, неказнивоста, врските доведоа до тоа во пожар во дискотека да згаснат 65 млади животи и над 200 повредени.
Наша цел е на некој начин да можеме да придонесеме барем правдата да излезе на виделина, иако реално тоа за држава како Македонија е мисловна именка. Голема благодарност до редакцијата на Фокус за целата поддршка и уште еднаш честитки за јубилејот на МИМ.
Цели 15 години сум дел од екипата на Никола Младенов, што е најголема чест и гордост за мене”, истакна Мулачка.
Првата награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс „Никола Младенов 2025“ ja добија и Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за сторијата „Кочани – нашиот морален компромис“, тимот на емисијата „КОД“, за серијалот истражувања за пожарот во дискотеката „Пулс“.

Втората награда ја делат тимот на БИРН Македонија за истражувањето и дата-базата за верските имоти на МПЦ-ОА и ИВЗ, и новинарите Александар Методијев и Сузана Мицева за серијалот „Јаглен на раскрсница“.
Новинарите Фисник Џелили, за сторијата за злоупотребите на средства за третман на кучињата-скитници во Тетово, објавена на порталот Порталб и Александар Димитриевски, за сторијата „Полициските специјалци ќе ги облекува модно женско студио и фирма регистрирана пред тендерот“, објавена на „360 степени“, ја делат третата награда.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман им беа доделени на Мирослава Симоновска и Фросина Факова Серафиновиќ, Бјанка Станковиќ, Славица Филиповска Иванова и Михаил Милошевски.
На годинешниот конкурс што беше објавен на 27 јануари и траеше до 17 февруари 2026 година, пристигнаа 42 стории обработени во 122 текстови и видеоприлози.
Генерална оценка на комисијата е дека најдобрите стории оваа година се одликуваат со темелна проверка на факти, користење разновидни извори, серијален или долгорочен истражувачки пристап, јасна структура и способност комплексните теми да се преточат во разбирливи и влијателни новинарски производи. Токму овие вредности ја потврдуваат суштинската улога на истражувачкото новинарство како коректив на институциите и како важен столб на демократското општество.
Комисијата особено го нагласува фактот дека и во услови на ограничени редакциски ресурси, силни политички и економски притисоци и зголемена динамика на дневно информирање, истражувачкото новинарство во земјата продолжува да продуцира релевантни, храбри и општествено значајни содржини.
Комисијата им оддава признание на сите новинари и редакции во земјата, особено на локалните дописници од Кочани, Штип и од околните места, кои професионално и во согласност со етичките стандарди на новинарската професија, континуирано ги информираат граѓаните и влијаат врз подигнување на јавната свест, барајќи одговорност од институциите за причините и околностите кои доведоа до трагичниот настан во Кочани. Нивниот придонес има особена вредност затоа што станува збор за новинарска работа извршувана во исклучително тешки, чувствителни и емотивно оптоварени околности, при што професионалноста, етичноста и одговорноста кон јавноста останаа во прв план.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година наградата го носи името на угледниот новинар Никола Младенов.
Во продолжение може да го преземете целосниот извештај на комисијата во кој детално се опишани вреднуваните аспекти на наградените стории.