(ВИДЕО) Фирмата која требаше да ги гради хидроелектраните на Дошница ја повлече цела механизација

by irena 16:34
16:34

Компанијата изведувач која требаше да ги изгради мини хидроелектраните по текот на реката Дошница низ планината Кожув денеска ја повлекоа комплетно механизацијата, а граѓаните и активистите кои повеќе од два месеци протестираа и го блокираа патот прогласија победа.

„Денес се повлекуваат сите машини и фирми што сакаа да ја затворат нашата света река Дошница во цевка. Дошница не е само вода – таа е срцето на Македонија, пулсот што не’ држи живи со векови.А срце не се затвора во цевка! ОВАА ПОБЕДА Е НАША, НАРОДНА !
Ова е доказ дека кога сме обединети, сме непобедливи. Силата е во народот, а ДОШНИЦА ќе тече слободна – како што тече и духот на Македонија!“, објавија од движењето „Changemakers4all“.

Фирмата-изведувач „Ј.Е.С ДООЕЛ“ која требаше да гради мини хидроелектрани на реката Дошница на планината Кожув ги повлече и останатите машини од својата механизација откако минатиот месец се повлекоа мал дел од машините, денеска заминаа и останатите.

Еко активистите сметаат дека заедништвото и отпорот дале резултати, откако 72 дена го блокираа патот кон планината. Случајно или не, целосното повлекување на механизацијата се случува во пресрет на локалните избори.

Тие најавуваат и почнување на правна битка, а крајната цел им е укинување на концесијата. Најавија и протести во Скопје пред Министерството за животна средина и просторно планирање, доколку по изборите продолжат какви било активности за изградба на мали хидроелектрани.
Граѓаните ја бранат природата и една од најчистите реки во земјата, сместена во регионот богат со ендемски видови и биолошка разновидност.

О.К.

фото: Changemakers4all

Слични вести