Друштвото „Новоматрикс“, кое беше во сопственост на Камчеви пред да премине во рацете на Александар Наумов, осуден во случајот „Синџир“, се „прослави“ откако доби вредни тендери за работа во РЕК Битола, веднаш откако поврзаната компанија „СВ Инвест“ падна во стечај и згасна.
Арно ама, во меѓувреме била отворена стечајна постапка и за „Новоматрикс“, преименувана во „Салус Плус“, која до ден денес е запишана како сопственик на руинираниот Поштенски дом или одморалиште на Водно, каде што ДУП-от предвидува изградба на објект со иста намена А4-времено домување, но со поголема површина до максимални 2.240 квадрати.
Сепак, документацијата што ја обезбеди „Фокус“ покажува дека уште пред да падне во стечај, „Новоматрикс“ или „Салус Плус“ склучила преддоговор за купопродажба на овој имот со „Специјал Градба“ во износ од 1,3 милиони евра, а дел од зделката биле и договори за асигнација, цесија и компезација меѓу повеќе субјекти, преку кои купувачот ги презел долговите на продавачот кон трети страни, додека кредиторот Комерцијална банка ги наплатил побарувањата кон „СВ Инвест“ и повторно воспоставил заложно право-хипотека врз имотот.
Иако купопродажната цена била исплатена, сепак, процесот не бил целосно заокружен пред „Салус Плус“ да падне во стечај, па „Специјал Градба“ во својство на доверител доставил пријава за утврдување на т.н. излачно право врз недвижниот имот. Притоа, стечајниот управник ја прифаќа пријавата и му предлага на Основниот суд во Битола да донесе решение купувачот да се запише како сопственик на имотот, но судот ја отфрла пријавата.
Меѓутоа, Апелациониот суд го укинува првостепеното решение и го враќа предметот на повторно одлучување. Наспроти предлогот на стечајниот управник и насоките на второстепениот суд, како и по низа ургенции од жалителот, основниот суд се уште не донел одлука, што ја прави неизвесна судбината на имотот во срцето на Водно.
Пишува
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК