На денешното рочиште за случајот „Онкологија“, вештакот Милан Ристески повторно сведочеше за терапиите и протоколите на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, при што посочи на повеќе отстапувања во медицинската документација и изборот на терапии.
Според неговото сведочење, кај 12 пациенти била дадена терапија спротивно на индикациите, без никаква корист и на штета на пациентите. Тој нагласи дека биле анализирани вкупно 33 илјади преписи на скапа терапија, при што, како што рече, „она што е најдено како чудно и неправилно е изложено“.
Ристески посочи дека особено загрижувачки се случаите во кои пациенти со рак на бубрег не ја добиле терапијата пембролизумаб, иако според медицинските индикации требало да ја примат. Тој истакна дека не смее да има фаворизирање на пациенти во зависност од достапноста на терапијата.
Во своето сведочење, тој укажа и на недоволно документирани податоци за состојбата на пациентите и недоволни објаснувања за изборот на терапија во медицинската документација.