„Со својата долгогодишна работа на сцената на Македонскиот народен театар, како и со бројните улоги во театарот, филмот и телевизијата, Кирил Поп Христов остави длабок и неизбришлив белег во македонската култура. Денес, пред оваа загуба, зборовите се недоволни, а утехата далечна. Недостига неговата енергија, неговото присуство, неговиот дух“.
Останува прашањето – дали фотографиите, видеата и спомените се доволни да раскажат за човек како него? Но она што сигурно останува се сите разговори, сите заеднички моменти и доживувања. „Ѕвездата на Кили“ ќе продолжи да свети најсилно токму преку нив. Остануваат анегдотите, смеата… толку многу што би можеле да исполнат и цели книги.
Со овие зборови беше одржана комеморација во МНТ во чест на актерот Кирил Поп Христов.
За него, можеби најискрено сведочи неговиот близок пријател Ранко Петровиќ:
„Драги пријатели, со Кили бевме повеќе од пријатели – духовни братчиња. Уште од моите помлади денови, тој во Скопје важеше за вистински мангуп. Слушав разни приказни за него, анегдоти што кружеа низ градот.
Се сеќавам на едно мое доаѓање во МНТ – кога влезе, сите погледи беа вперени кон него. Имаше посебна енергија, нешто што не се учи и не се глуми. Беше забавен, спонтан, духовит, непосреден – едноставно свој.
Го поканив на „Златна Бубамара“ и веднаш почувствував колку е лесно да се работи со него. Пробите беа вистинско уживање. Имаше природен, точен хумор – секогаш во вистински момент. Сè што правевме заедно беше некако лудо, а сепак совршено.
За жал, животот ни приреди и тешки моменти – испраќања на аеродром, пред болница… а денес и ова последно, најтешко испраќање.
Ќе останат неговите емисии, неговиот глас, неговиот дух. Ќе останат сите што поминале низ неговите разговори – и излегле од нив посреќни, како да добиле нешто повеќе од обично интервју.
Кили беше духот на градот. Вистинскиот дух во етерот. Маалската душа на Скопје.
Почивај во мир, друже“, кажа Петровиќ.

Кирил Поп Христов почина на 11 март, на 58-годишна возраст, во Еквадор. Тој се пресели во Еквадор во 2014 година. Иако често доаѓаше во Скопје, последната година ипол ја поминал во оваа јужноамериканска земја.
„Кили ќе биде погребан во Еквадор. Ќе почива во Мангларалто, покрај океанот“ – беше веста објавена на социјалните мрежи од неговата сопруга, Гордана Деан Поп Христова.
Маја Терзиова