Венчавка на младенците на Галичката свадба

by irena 10:18
10:18

Галичник, 13 јули 2025 – Со венчавањето на младенците Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски денеска кулминира традиционалната „Галичка свадба“, манифестација што ја слави богатата културна и духовна традиција на мијачкиот крај.

Централниот настан – венчавањето, ќе се одржи во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник, придружено со сите карактеристични обичаи.

По традиционалната проштална дарежба и испраќање на невестата, младенците беа венчани во храмот, а церемонијата заврши со свечено испраќање на тапанџиите и зурлаџиите – симболично затворање на свадбената прослава.

Јован Филипоски, потомок на старото галичко семејство Филипоски, изјави дека учеството во Галичката свадба е исполнување на животниот сон.

-Оваа традиција треба да се негува. Мене ми беше пренесена од моите баба и дедо, а потоа и од моите родители кои секоја година учествуваат и се дел од традицијата. Честа е огромна и се надевам дека што повеќе посетители ќе дојдат и ќе ја видат оваа убава традиција, изјави Филипоски.

Невестата Михајлоска рече дека честа е голема, но, исто така и одговорноста доследно да се пренесе традицијата.

-Огромна чест и задоволство е што сме избрани за невеста и зет, се чувствуваме среќно и гордо. Но, истовремено, голема е одговорноста доследно да се пренесе оваа традиција, веруваме дека сѐ ќе помине во најдобар ред, рече Михајлоска.

Манифестацијата започна во петокот со монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“, посветена на Ѓорѓија Пулевски и 150 години од неговиот „Речник на три јазика“. Вчера се одржаа низа обичаи, меѓу кои поставување на свадбениот бајрак, свекрвиното оро и симболичното „фрлање пушка“.

„Галичката свадба“ е под институционално покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со поддршка од Министерството за култура и туризам, и „Пивара Скопје“, која 50 години е партнер во настанот.

Настанот се следи и преку видеоекран на централното плато и во живо на социјалните мрежи. За посетителите е воведен посебен сообраќаен режим, а организаторите упатија апел за одговорно однесување и грижа за природната средина.

Ask ChatGPT

Слични вести