Умрев, ама Бугарин не станав

by Fokus

И мене би ми било лесно да пишам дека башта ми е Блгарин, да земам пасош и да ги користам тие привилегии. Но, мојот татко велеше дека можам и марсовец да се пишам. Сите знаат дека сум Влав

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Младиот 21-годишен Христијан Пендиков од Охрид, идентично како што преку ноќ стана Бугарин, така преку ноќ стана и медиумска ѕвезда, како во Македонија, така и во мајка Бугарија.

Причината не е ни малку добра – младиот Христијан бива претепан и завршува со тешки телесни повреди. И тука почнува шоуто.

Очекувано, мајка Бугарија преку своите нацистички инсталации експресно реагираше дека претепувањето е последица на неговата етничка припадност, односно бил нападнат бидејќи на тепачите им засметало тоа што се пишал како Бугарин.

Бидејки сум човек кој не знае да прави лице, како и против сум користење насилство во политички цели, сакам да бидам кристално јасен дека го осудувам претепувањето, без разлика на мотивот позади чинот, и тука нема простор за ама.

Е сега, тоа не ме депривира од право да коментирам неколку спорни моменти.

ПРЕРОДЕНИОТ ХРИСТИЈАН

Primus, бидејки живееме во ера на социјални мрежи, веднаш испливаа фотографии од младиот Христијан, де на митинг на ДПМНЕ, како прави знак за обединета Македонија (Џамбаски коси кубе), де како по социјалните мрежи ревносно тврди дека Тодор Александров не бил Бугарин, дека Благоевград е Пиринска Македонија, а не Бугарија, коментира „не дај Боже да имам бугарски пасош“ и други негови ставови, од кои јасно се гледа дека Христијан од тврдокорен Македонец преку ноќ станал Бугарин.

И за мене тоа не е спорно, негово право како се чувствува, но е јасен показател дека разузнавачките служби на Бугарија слободно роварат по Македонија и регрутираат наши граѓани, кои до вчера сметале дека Пирин е дел од Македонија, а денес сметаат дека Охрид е дел од Бугарија!

И ова не се единствените недоследности и сомнежи околу целиот настан, кој се злоупотребува од страна на бугарската агресивна фашистичка надворешна позиција кон Македонија.

Secundus, излегоа информации и во медиумите дека наводно не се работи за напад на етничка основа, туку за нерасчистени сметки меѓу тепачите и тепаниот. Понатаму, дека пред еден месец, полицијата извршила претрес во домот на Христијан и пронашла 0,3 грама кокаин.

Сево ова доведе до сатанизирање на преродениот Христијан и ословување како дилер, па се поставија лаички дилеми како тој ја напуштил државата ако се води истрага против него.

Самото количество од 0,3 грама кокаин, непоткрепено со други докази (дигитална вага, сведочења, мали пакувања) не докажуваат продажба, а доколку како во овој случај нема мерки за обезбедување негово присуство во смисла на куќен притвор, одземен пасош или забрана за напуштање живеалиште, тогаш ниту за Христијан, ниту за кој било друг граѓанин не е забрането да ја напушта државата.

Но, сложен сум со колегата Туфегчиќ дека се прави опасен преседан, со праќање владино авионче на Бугарија, со многу јасна интенција случајот да се политизира и предимензионира.

СКАНДАЛОЗНО ОДНЕСУВАЊЕ НА ОСМАНИ

Не верувам дека во бугарските медиуми ќе прочитаме за ставовите кои до вчера ги имал Христијан, ниту, пак, ќе прочитаме дека наводно едниот од напаѓачите бил Бугарин, што ја фрла во вода тезата дека нападот е со етнички предзнак.

Но, она што читаме е скандалозното однесување на, за жал, министерот за надворешни работи, Буjaр Османи.

Без да почека макар еден ден, и тој, и несреќниот претседател на државата побрзаа да го осудат нападот, кој по нивно е со етнички предзнак.

Османи отиде и чекор понатаму, патуваше во Бугарија каде што го посети Христијан и даде скандалозно интервју за бугарска телевизија. Османи да не ти го интересирало што кажувала истрагата, за него било важно што кажувал Христијан.

Па добро, како дел од партија, која две децении не е.е жива сила, е корупциско дувло и потпалувач на етничко верски страсти и не е дека сум изненаден.

Но, господинот Османи треба да им одговори, ако ништо повеќе, на потомците на македонските Албанци стрелани од бугарскиот фашистички окупатор во Втора светска војна, зошто е така сервилен кон децата на нивните џелати?

Наше е да не паѓаме на провокации, НИКАКО да не прибегнуваме кон насилство затоа што за тоа нема оправдување и најважно да не се продаваме себеси.

И мене би ми било лесно да пишам дека башта ми е Блгарин, да земам пасош и да ги користам тие привилегии. Но, мојот татко велеше дека можам и марсовец да се пишам, сите знаат дека сум Влав.

А тој што е пoдготвен да си ја продаде татковината, пет пари не вреди и утре ќе си ги продаде и најблиските. Умрев, ама Бугарин не станав!

Поврзани новости