Како чад на ветер не снемува…

by Fokus

Почнавме да живееме во светот на изопаченост и примитивизам, свет во кој изгледот е побитен од паметта, во кој лагата е вистина, во кој свадбата е побитна од љубовта, погребот од покојникот, а славата побитна од вербата.

Пишува: Звонко Давидовиќ

Пред некој ден Ѓоковиќ со победата на „Australian open“ ги врати насмевките на многу лица, макар за миг не направи горди и среќни. Голем дел од нас, неговата победа ја почуствуваа како своја и воопшто не беше важно што тој не е Македонец и што играше под друго  знаме, знаме на нашиот сосед.

Воопшто не беше важно и што е во прашање тенис и што победата е извојувана на тениски терен, за многумина овој меч беше прашање на чест и гордост, а победата порака дека доброто и исправното може да го надвладее лошото и грдо со упорност, работа и верба во себе.

Солзите кој Ѓоковиќ ги пролеа по мечот беа солзи и на радост, и на олеснување, на гордост,  но и солзи за сето претрпено до сега. Нашите солзи, бидејќи сите плачевме со него, беа солзи и на радост и на гордост, но и солзи со кои барем малку ја лечиме душата и ги затвораме раните за сето она што ни се случува повеќе од три децении.

За миг, особено постарите кои живееле во едно друго време и негувале други вредности поинакви од денешните, доживеаа да се чуствуваат како некогаш, среќни и горди на она што се.  На овој народ му се потребни херои, вистински херои , херои кои со своите достигнувања, својата работа, посветеноста, своите вештини и знаења се издигнале над другите, а при тоа никому не одземале ништо негово.

Тие и такви херои кои се вложиле себе си несебично и без било каков интерес или корист го веат знамето и го носат грбот на својата држава и се гордеат со тоа што се, се херои кои му требаат на овој народ. На тие и такви луѓе треба да се угледаме, тие треба да ни се пример. Киќановиќ, Далипагиќ, Ќосиќ, Дражен и Александар Петровиќ, Славниќ, Џаиќ, Шелуларац, Панчев, Рингов, Мутибариќ, Крижај, Примож Улага, Шабан Трстена, Шабан Сеидиу и уште многу други донеле многу медали и не направиле горди што живееме во земја, која има такви луѓе.

Кошаркарите, одбојкарите, фудбалери, ватерполисти и многу други спортисти, но и пејачи, глумци, играорци, музичари биле наши амбасадори кои достојно ја претставувале својата земја, а нас не направиле горди и среќни, бидејќи секој нивен успех го гледавме и доживувавме како наш.

Потребни му се на нашиот народ вакви херои и вакви настани, нешто што ќе внесе живот и светлина во темното и грдо секојдневие. Му треба на нашиот народ нешто што од време на време ќе го потсети кој е и од каде потекнува, од каде доаѓа и што се поминал за да стигне  таму каде што е.

ЖИВЕЕМЕ ВО СВЕТ НА ИЗОПАЧЕНОСТ И ПРИМИТИВИЗАМ

Му треба да го потсети што се можел и што може и дека ништо не му е никогаш подарено и дадено, туку му е само земано, грабано , пљачкосувано. Се што постигнал нашиот народ постигнал сам и со свој труд и упорност, со сплотеност и верба во себе и покрај омаловажувањата, негирањата на другите и раздорот кој сакале да го внесат.

Се додека вакви луѓе беа наши херои, а нивните постигнувања служеа за пример ние бевме и држава и нација која се гордее, народ кој има иднина и визија.

Како почнаа работите да се извртуваат и превртуваат, доблестите да стануваат маани, вистината да се прогласува за лага, расипаноста за доблест, така се појавија и некои квази херои  кои се извртени како и вредностите, спротивни на сето она нормално, убаво, доблесно и чесно.

Почнавме да живееме во светот на изопаченост и примитивизам, свет во кој изгледот е побитен од паметта, во кој лагата е вистина, во кој свадбата е побитна од љубовта, погребот од покојникот, а славата побитна од вербата.

Живееме во свет на изопачени форми, како што вели еден наш мудар човек , во свет на амбалажа во која содржината се презира и е неважна. Живееме во свет во кој тетоважата е верност, билбордот распетие, партискиот штаб одар.

Живееме во време, во кое нема срам и прекор, нема одговорност , живееме во време во кое се е дозволено, се е изопачено, вештачко и лажно, време во кое владеат пробисвети, криминалци и морални ку..и.

Полека се иселуваме, дистанцираме, отуѓуваме и затвораме во мали кругови на луѓе, душата ни заболува, сржта и битието ги снемува, а ние како народ полека одиме таму од каде што враќање нема, не снемува како чад на ветер….

Поврзани новости