Уапсен 25-годишник во Старо Нагоричане осомничен за убиство на 78-годишна жена

by jadranka 11:39
11:39

Полицијата уапси 25-годишник од село Малотино во општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на 78-годишна жителка на село Челопек, соопшти СВР Куманово.

Според кумановската полиција, на 12 февруари осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.

„Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б. (25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничи дека на 12 февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С. (78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото“,
соопшти полицијата.
Исто така 25-годишниот Т.Б. се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане.

Известен е јавен обвинител, а лицето е задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во меѓувреме за случајот се огласи и Јавното обвинителство.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот. Дадени се повеќе наредби за обезбедување докази и траги од чице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Едно лице е лишено од слобода под сомненија дека е сторител на кривичното дело – убиство. Постојат сомненија дека истото лице во претходниот период било извршител и на други кривични дела во кумановско за што по наредба на јавен обвинител интензивно се преземаат дејствија за испитување на околностите и поврзаноста на настаните.
По целосно испитување на настаните, ќе биде поведена соодветна постапка“ стои во дописот до јавноста од Обвинителството.

Слични вести