Нов обид за посредување меѓу Македонија и Бугарија од ЕУ. Претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта го искористи присуството на македонскиот премиер и бугарската претседателка на безбедносната конференција во Минхен за да се обиде уште еднаш да ги приближи ставовите меѓу Скопје и Софија. Кошта вчера попладнето имаше одвоени средби со Христијан Мицкоски и Илијана Јотова. Како што самиот објави на Фејсбук, Мицкоски на средбата истакнал дека Македонија останува посветена на европскиот пат и реформите, но оти заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања.
„Разговаравме отворено и искрено за европската перспектива на Македонија, за реформите кои ги спроведуваме и за предизвиците што стојат на патот кон полноправно членство во Европската унија. Јасно ја пренесов нашата позиција Македонија останува посветена на европскиот пат. Но, исто така, Македонија заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања“, рекол Мицкоски на средбата.
Премиерот нагласил и дека Владата работи на суштински реформи: владеење на правото, борба против корупцијата, економска стабилност и подобар животен стандард за граѓаните.
Од друга страна, пак шефицата на бугарската држава ги повтори добро познатите тврди позиции на Софија по ова прашање. „Македонија не може да се придвижи кон членството во ЕУ сѐ додека не се направи промената на уставот и Бугарите не се внесат во него ,“ рече Јотоваво изјава што ја даде по нејзината средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Според фотографиите средбите се во истата рустикална соба, па може да се претпостави дека Кошта бил во некаква умерена посредна мисија.
Во Минхен е и бугарскиот премиер на заминување Росен Жељасков. Тој беше и во Давос, каде престојуваше и Мицкоски, но двајцата немаа средба. Нема најави дека Мицкоски ќе се сретне со Јотова деновиве во Минхен. Лани таму се сретнаа двајцата министри за надворешни работи, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев, но таа средба не донесе ништо во приближување на разликите.