Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека денеска до 12:15 часот низ државата се регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои четири остануваат активни и претставуваат најголем предизвик за противпожарните служби.
Најкритичните точки се во општина Дојран, каде што во селото Николич гори нискостеблеста шума, во Старо Нагоричане, селото Пелинце каде што е зафатена ниска вегетација, во Македонски Брод, селото Девич каде што пламените јазици зафатија деградирана шума, сува трева и лисна престилка, како и во општина Гази Баба, во близина на гробиштата на Камник, каде што гори ниска вегетација.
Покрај овие, два пожара се локализирани – во општина Чучер Сандево, на потегот од селото Горњани кон Блаце и магистралата, каде што гореше шума, како и во селото Џидимирци, општина Велес, каде што беше зафатена ниска вегетација.
Три пожари се ставени под контрола: во Македонски Брод, помеѓу селата Црешнево, Крапа и Локвица каде што гореше деградирана дабова шума и грмушки, во селото Слатино (ниска вегетација), како и во селото Крушје, општина Велес, каде што гореше шума.
Пет пожари се целосно изгаснати, меѓу кои се пожарите во близина на стадионот во Гостивар, во селото Перово (Ресен), во кругот на фабриката на ФЗЦ во Куманово, како и два пожари во Охрид – во селото Оровник и населбата Далјан, каде што гореше ниска вегетација и отпад.
ЦУК апелира до граѓаните да бидат крајно внимателни и да не палат отпад или сува трева, особено во услови на високи температури и ветер, со цел да се спречи ширење на пожарите и дополнителна штета.
Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со гаснење и мониторинг на сите критични локации.