„Црно, па се не види“

Тоа што сите го забораваме е дека редовно почнаа да се полнат црните статистики на починати, од кои како главен причинител се јавува загадениот воздух. Но, „ништо страшно“, со оглед на тоа што во Македонија стана нормално да се умира од загаденост, од лекарски грешки, шетање по клиники... Секое чудо за три дена

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Загадениот воздух е една од причините што повеќе од 4.000 луѓе на годишно ниво добиваат рак на белите дробови, а повеќе од 140.000 живеат со хронична белодробна болест.

Овие алармантни бројки тресат со години, но, сепак, според надлежните институции, тоа не е доволна причина да се вклучи црвениот аларм и конечно да се најде решение за оваа животозагрозувачка состојба во која се наоѓаат граѓаните.

Сѐ стана толку нормално, што дури и бројните извештаи дека Скопје е редовно на црната листа меѓу десетте најзагадени градови не допира до никој.

Порано барем ќе се одржеше некој протест пред владините порти од околу 100 собрани демонстранти, а сега и тоа не е интересно, па секој ќе крене врева малку на социјалните мрежи и тука завршува сѐ. Толку!

Очигледно, тоа што сите го забораваме е дека редовно почнаа да се полнат црните статистики на починати, од кои како главен причинител се јавува загадениот воздух.

Но, „ништо страшно“, со оглед на тоа што во Македонија стана нормално да се умира од загаденост, од лекарски грешки, шетање по клиники… Секое чудо за три дена.

Градот Скопје, на чело со актуелната градоначалничка Данела Арсовска, лани ги намали и парите за решавање на овој горлив проблем. Им се може!

Тоа што е уште пожално во целата приказна е што колку тоа не ги допира надлежните институции, толку не го допира и народот, кој си седи и мудро си молчи. Ќе си покукаме по дома, ќе ја ифрлиме негативната енергија и ќе се помолиме на Господ да ја преживееме и оваа зима, па вгодина ќе му ја мислиме.

Меѓутоа, алармот за тревога треба да пишти. На тапет се и бебињата и малите деца, кои во Скопје не виделе бел ден, а не да прошетаат на воздух, бидејќи опасните ПМ-честички можат уште од мали нозе да им ги уништат сѐ уште неразвиените бели дробови. И тоа никој не го засега. Зар не сме жални!

Тоа се страшни информации, ако сме малку повеќе свесни како нација, но нормално дека нам политиката ни го испила мозокот, па загадувањето ни е како секојдневна утринска медитација.

Освен што уриваме рекорди на листите за аерозагадување, периодов сѐ погласно се зборува за една друга црна листа. Станува збор за американската црна листа, на која веќе се наоѓаат македонски политичари и бизнисмени, но се очекува „катиљ-ферманот“ да се прошири и освежи со нови ликови од земјава.

Многу лесно може да се прошири со еден од најпопуларните, но и најбогати бизнисмени, кој успеа да се спаси од затворските решетки во црна Македонија и тоа со спогодба и скандалозна одлука на обвинителството.

А на него да му се придружи и еден од членовите на кланот што претходно владееја со Македонија.

Додека тие можат да се најдат на познатата црна листа на САД, во вторникот денот му се зацрни и на познатиот кардиохирург Жан Митрев, за кој во 11 часот тропна обвинителен акт за измама на 283 пациенти, а болницата само од нив заработила 1,6 милион евра.

Не се работи за мало обвинение, а уште повеќе на тежина добива и затворската казна, која му стои на глава од една до 10 години. Ќе се соочат очи в очи во судница?

Некако сѐ поцрно во животот му станува и на актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Во неговата едногодишна кариера, како прв човек на владата, го навјасале проблеми од сите страни.

Му кажа јасно „да“ на францускиот предлог, но сега треба да собере пратеници за двотретинско мнозинство, со кое ќе обезбеди уште посигурно „да“ за уставните измени.

Пред неколку години, вмровските пратеници на кои им стоеја обвиненија над глава го изгласаа Преспанскиот договор, но дали сега ќе се направи истата шема, па некои од нив по вторпат ќе му забијат нож во грб на опозиционерот Христијан Мицкоски, кој, пак, чека предвремени парламентарни избори во мај. Врти, сучи – едно исто.

На изненадување на сите, еден од најлуцидните премиери, албанскиот премиер Еди Рама ги повика на средба албанските политички лидери од Македонија. Којзнае што се крои во заднина? Дали се работи за реафирмирање на интеграцискиот процес или за спас на политички глави?

Сепак, завршија празниците, спласна празничната атмосфера, која реално и ја немаше, но црнила навјасаа над Македонија.

Секој ден црната листа на страшни настани сѐ повеќе се „проширува и надградува“, исто како што пред повеќе од една деценија пееше Леонтина Вукмановиќ – „Црно, па се не види“.

Поврзани новости