Од Центарот за граѓански комуникации информации истражиле дека за 5 години граѓаните платиле 73 милиони евра за лични документи врз основа на тендер стар 21 година и договори кои се „доверливи“.
-Изработката на пасоши, лични карти и возачки дозволи во последните пет години го чинело МВР 29 милиони евра, а за добивање на овие документи граѓаните платиле 73 милиони, односно 44 милиони евра повеќе.
Најголем дел од 73-те милиони евра што ги платиле граѓаните е за добивање пасош, дури 60 милиони евра за 5 години.
Документите ги изработува фирма која победила на тендер пред 21 година. МВР не открива кога и под кои услови е продолжуван првичниот договор сè до денес.
МВР не ги открива ниту важечките договори за изработка на личните документи со образложение дека се класифицирани како „доверливи“.
Министерството смета дека изнесувањето на податоците од склучените договори ќе имало последици врз нивното работењето, без да наведе за какви последици станува збор.
Како „доверливи“ се заштитени од објавување дури и бројот на лични документи (пасоши, лични карти и возачки дозволи) кои се изготвени во изминатите години. МВР ги открива само вкупните финансиски податоци.
Со ваквата тајност на целиот договор и неговите анекси, се ограничува увидот на јавноста во финансиските и во договорните аспекти на оваа набавка.
Нејасно е врз основа на кој закон е спроведена оваа набавка, која е исклучена од редовните конкурентски постапки за јавни набавки. Оттука, јавноста не може да провери дали исклучувањето од редовните правила било законски оправдано, неопходно и пропорционално, се наведува во истражувањето на ЦГК.