Има ли Владата навигација за излез од „ќор-сокакот“ на релација Скопје – Софија?!

Претседателката Гордана Силјановска Давкова во Софија беше на средба со шефицата на бугарската држава Илијана Јотова. Со неа беше и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој претходно веќе оствари средба со неговатаљ колешка од Софија Весислава Петрова Чамова. Контактите на највисоко ниво стартуваа по инаугурирањето на новата бугарска влада на чело со Румен Радев која доби силен политички мандат од гласачите. Средбите доаѓаат во периодот на тензија меѓу Скопје и Софија со меѓусебни пораки упатени еден на друг, за што „Фокус“ веќе пишуваше. Реториката што во последните денови се употребува на релација Скопје - Софија ја заострува политичката тензија, која ексалира поради изборите во Бугарија и застојот со уставните измени во Македонија. Прво, премиерот Мицкоски, кој тврдо порача дека „ако треба ќе чекаме со децении, но политики што директно влијаат врз нашиот идентитет нема да прифати“, а потоа бугарскиот заменик-министер Рајков, со ставот дека „одредени кругови во Скопје повеќе се наклонети да изгубат уште време на македонските граѓани.“ Надворешно-политичкиот аналитичар Љупчо Поповски е уверен дека изјавите на Мицкоски изгледаат опортуно кога се гледаат од гледна точка на премиерот или на раководството на неговата партија. И, ваквата позиција на владата ја зацврстува затоа што не знае каква друга позиција да понуди. Амбасадорот Ивица Боцевски, пак, смета дека пред да се влезе воопшто во т.н. „материјална расправа“ на оваа конкретна тема, треба, пред сè, да се одговори на некои фундаментални прашања. Прво дали вооопшто уште има импулс за европска интеграција, како што е замислена, поточно дали постои јасен процес, кој има завршница, или, пак Европската Унија  во моментов не знае што да прави со земјите од Западен Балкан.  

by jadranka 11:02
11:02

Текстот беше објавен во неделникот „Фокус“ во бројот 1592 од 09.04.2026 година 

 

Пишува: Зоран ФИДАНОСКИ

 Дали Македонија и Бугарија влегуваат во ново поглавје во меѓусебните односи, проследено со зголемена политичка тензија поради застојот со уставните измени и блокадата на македонскиот пат кон ЕУ? Во последните десетина дена, пораките што се испратија и од Скопје и од Софија укажуваат на тоа дека имаме ново заострување на односите. Или, пак, станува збор за заострување на реториката мотивирана и наменета за домашна политичка мобилизација. Во Бугарија е предизборие, а и кај нас и кај нив темата „Бугари во Устав“ и „македонско малцинство во Бугарија“ секогаш дејствува како енергетски пијалак за кревање на политичкиот адреналин.

–Ако треба, ние ќе чекаме децении, но политиките што директно влијаат врз нашиот идентитет, а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, јас сум кажал дека немам намера да ги прифатам додека сум претседател на владата и по ниедна цена нема да влезам во таква авантура, рече пред десет дена премиерот Христијан Мицкоски, како одговор на новинарско прашање при посетата на охридскиот аеродром, прашан како мисли да го одблокира евроинтегративниот пат на државата. Не пропушти да испрати остри критики кон политиките на претходната власт, употребувајќи термини како „мекотелни, предавнички и криминални, кои ја довеле државата во моменталната незавидна позиција.“

Кога претседателката на државава, Гордана Силјановска-Давкова, два дена подоцна за време на официјалната посета на нејзиниот црногорски колега Јаков Милатовиќ, ваквата изјава на македонскиот премиер се обиде да ја претстави како условна, Мицкоски и на денот на шегата – 1 април најсериозно ја коригираше. Пред медиумите излезе со став, кој е најтврд од сите досега јавно искажани од него на оваа тема. Беше дециден дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се помести ниту милиметар за уставните измени без цврсти гаранции.

„НЕМА ДА СЕ ПОМЕСТИМЕ НИТУ МИЛИМЕТАР!“

 Ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме тоа на оние што нас ќе нè следат. Ако и тие не успеат, тогаш и на оние што нив ќе ги следат. Сите во светот треба да знаат и македонските граѓани, дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не оди и дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бидува. А, ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во каква било авантура сè додека нема јасен крај, како прво. И, второ, сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед, нема да се поместиме ниту милиметар, потенцираше Мицкоски во таа пригода.

Ваквата реторика, која е целосна спротивност од она што тој лично и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, го заговараа деновите претходно – дека како влада сакаат да се воздржат од „силни“ изјави за македонско-бугарските односи за да не влезат во предизборна „шема“ кај источниот сосед и да станат, кажано метафорички, „коска за глодање“ од тамошните политичари, секако дека не остана без одговор од официјална Софија. Одговорот пристигна од актуелниот заменик-министер за надворешни работи, а некогашен премиер и министер Марин Рајков, искусен дипломат и еден од „јастребите“ во бугарскиот политички живот по прашањето за Македонија. Во интервју за утринската програма на Бугарската национална телевизија, Рајков ја префрли топката, посочувајќи дека недостигот од реални гаранции за бугарската заедница е клучен проблем во односите со Скопје и процесот на европската интеграција на Македонија. А, промената на Уставот е основен услов за напредок во преговорите.

–Слушајќи ги изјавите на премиерот Христијан Мицкоски од последните денови, дека тој со децении нема да дозволи да се исполнат условите што можат да ги отворат преговорите за членство, а тоа е промена на Уставот и гаранција, уставна, за правата на Бугарите, слушајќи го ми станува јасно дека одредени кругови во Скопје се повеќе наклонети да изгубат уште време на македонските граѓани, вели Рајков.

Не пропушти уште еднаш да ја „напумпа“ бројката на Македонци што поседуваат бугарски пасош во контекст на предложениот акциски план од македонската влада за правата на заедниците, а кој Бугарите во Македонија, го отфрлиле, затоа што не обезбедува ефективна заштита на нивните права.

–Всушност е многу важен. Станува збор за специфични механизми преку кои консензусот во суштина ќе се спроведе. Промената на Уставот и доделувањето уставни права на делот од бугарскиот народ што живее во Северна Македонија, овие гаранции практично ќе се спроведат преку мерките содржани во овој акциски план. Бугарската заедница веќе еднаш ги изнесе своите критики на состанок. Нивниот премиер Мицкоски јасно се обврза дека нивните аспирации ќе бидат земени предвид. Тоа не се случи. На последниот состанок, претставниците на бугарската заедница го отфрлија текстот на овој акциски план бидејќи не дава гаранции против повредите на нивните права. Над 210.000 лица од Република Северна Македонија го докажале своето бугарско потекло со документи, потенцираше Рајков, иако на последниот попис од 2021 година, како Бугари се изјасниле точно 3.504.

Проблемот, тврди Рајков, не треба да се гледа како билатерален меѓу Софија и Скопје, како што, според него, тоа упорно го прави по европските канцеларии, македонскиот министер за надворешни работи, Муцунски, туку во контекст на обврските на Македонија кон Европската Унија.

Во Бугарија не пропуштија да го искритикуваат и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ за неговиот став искажан за време на официјалната посета во Скопје мината седмица. Агенцијата БГНЕС, која редовно го искажува она што политичките првенци го мислат таму, го обвини Милатовиќ дека тој се приклучил на, како што наведуваат, „пропагандата на Скопје против Бугарија.“ Во текстот на бугарската агенција дека црногорскиот претседател ги повторил „манипулациите и лагите“ поврзани со европскиот пат на земјата, а како клучен аргумент се наведува делот од изјавата во која Милатовиќ истакнува дека „на Македонија ѝ е нанесена неправда во евроинтеграциите и дека билатералните спорови со соседите често претставуваат главна пречка.“ Како и дека во неговата Црна Гора, Македонците се доживуваат како близок и пријателски народ, а чувството за неправда е широко присутно меѓу неговите сограѓани.

Она што БГНЕС го пропушти, а што вреди да се истакне како поента од него, Милатовиќ го кажа во телевизиско интервју, во кое кажа дека „Македонија веројатно ќе се најде пред избор – да биде во право или да биде членка на Европската Унија.“

„НОН ПЕЈПЕРОТ“ НА ВАЈЦ

 Паралелно, во Европскиот парламент циркулира еден, т.н. „нон-пејпер“ – документ што го поднел известувачот за Македонија, Томас Вајц, за целосно расчистување на нејаснотиите со Протоколот што во име на нашата држава со Бугарија го потпиша поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. „Нон-пејперот“ го поставува клучното прашање: дали вториот протокол е формално и правнообврзувачка компонента на преговарачката рамка на ЕУ или само билатерален инструмент меѓу земја-членка и земја-кандидат. Уште и стои дека доколку протоколот содржи интентитетско-политички услови, како што е толкувања на историјата, лингвистичка квалификација и содржина на учебници, тоа може да биде во конфликт со заштитата на македонскиот национален идентитет и јазик што самата ЕУ постојано го признава.

Ваквата ситуација дополнително ги компликува и, онака сензитивните односи на релација Скопје – Софија и, практично нè води во „ќор-сокак“, во однос на решението што ќе ја деблокира хибернацијата на Македонија во евроинтеграцискиот процес.

За новинарот и надворешно-политички аналитичар Љупчо Поповски, изјавите на Мицкоски изгледаат опортуно кога се гледаат од гледна точка на премиерот или на раководството на неговата партија. И, ваквата позиција на владата ја зацврстува затоа што, вели тој, не знае каква друга позиција да понуди и мисли дека со ова, како што го нарекува, херојско мачеништво против пораките на ЕУ може да му донесе статус на светец меѓу масите. И тоа за неколку наредни генерации.

-За жал, на Македонија, тој е влезен во балон околу оваа тема и не сака ни да чуе нешто поинаку, ниту да погледне подалеку. Да ја врзуваш судбината и напредокот на сопствената држава што ја водиш со услови поврзани со македонското малцинство во Бугарија (кои се граѓани на ЕУ веќе 19 години), тоа значи да оставиш 1,8 милиони луѓе во небиднина и единствената држава на македонскиот народ да ја доведеш до точката кога може да се постави прашањето – како таа може да опстане. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е исклучително затворена партија, ние не можеме со сигурност да знаеме дали во нејзиното врвно раководство или во владата сите ги делат овие екстремно ригидни ставови на премиерот. Иако има информации што стигнуваат од неколку правци дека некои од важните министри го следат овој пат затоа што мораат, а не дека целосно се согласуваат, нагласува Поповски.

Тој прави споредба на позицијата на македонското малцинство во Бугарија, со она во Грција, кое со децении било предмет на асимилација. Односот, особено по Преспанскиот договор, е релаксиран, но, оценува дека, од актуелната македонска влада и ВМРО-ДПМНЕ нема ниту збор за неговите права да регистрираат клубови или училишта за македонски јазик. Можеби затоа, вели, се заборави на изборната платформа за поништување на Преспанскиот договор и враќање на името.

Што се однесува, пак, до изјавите на Рајков, Поповски ја оценува како вообичаена, во која кажа податок за над 200 илјади македонски молби за издавање бугарски пасош, но не и колку државјанства се издадени. Софија има свои интереси и никогаш не го крие тоа. А, сега е акцискиот план за малцинствата. Сите, посочува тој, што ги следат бугарските медиуми, забележуваат дека прашањето за Македонија е на маргините во дебатите, а македонскиот премиер и министер за надворешни, со своите постапки како да сакаат повторно да биде дел од кампањата.

ПОТРЕБНА Е ПРОМЕНА НА НАРАТИВОТ  

Тогаш се поставува прашањето, во оваа констелација на односи, како да се излезе од таков ќор-сокак:

-Многу едноставно. Владата и премиерот Мицкоски треба да почнат една кампања во која за неколку месеци ќе го сменат наративот од чувари на македонскиот ковчег во проповедници на македонската иднина и да почнат да зборуваат дека иднината и драматичниот развој на настаните во Европа и до регионот на Блискиот Исток нѐ донесоа до точката повторно да го разгледаме нашиот концепт за иднината. И да речат дека уставните промени ќе мора да ги направиме поради иднината на оние што остануваат во државата. Нивното гласачко тело можеби ќе негодува, но поголемиот дел од него ќе ги прифати овие аргументи (како и со Преспанскиот договор). Кога ќе бидат отворени портите за уставните измени, тогаш ќе може да се избоксуваат и некакви „попусти“ (или гаранции, како што ги нарекува нашата политичка класа) во разговорите со ЕУ. Во Унијата има одредено мислење дека Мицкоски и сегашната влада не се доверливи соговорници и луѓе од политички збор и затоа целата ситуација е ставена во „ад акта.“ Лајен, Кошта и Кос јасно го кажаа многупати ставот – патот кон ЕУ води преку уставните измени. Македонската влада и премиерот мислат дека треба во европскиот ранец што ќе го стават на грб да има многу бисквити и кроасани што не ќе можат да се одбијат. До тогаш имаме време да седиме на некоја греда и да грицкаме семки, потенцира Поповски.

Тој смета дека тешко ќе дојде до конкретно решение во следните 12 месеци, ако се земе предвид можната победа на Румен Радев и неговите ставови во однос на Македонија. Пред изборите на 19 април во Бугарија, за македонската влада е исклучително важно како ќе заврши гласањето на 12 април во Унгарија. Доколку Виктор Орбан ги загуби изборите, тоа ќе биде огромен удар за Мицкоски и за раководството на партијата. Доколку Радев ја состави новата бугарска влада, тоа би можело да биде голем проблем за македонската, за наоѓање решение. Радев беше архитектот на бугарското вето, а изведувачи беа Бојко Борисов и Красимир Каракачанов.

-Но, да не се кладиме во заострување на односите ако Радев биде премиер. Гордана Сиљановска-Давкова има релативно добри односи со него, но вториот човек на владата и партијата, Александар Николоски, го нарекуваше него „нецивилизиран и мизерен“ (поради знамето), а Борисов корумпиран. Дали тие ќе ги паметат овие оценки на Николоски, не знам, но прашање е дали македонската власт треба да спие на увото дека конечно ќе има стабилна влада во Софија. Може од таквото спиење да добијат воспаление на увото, дециден е Поповски.

НЕМА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ ПОРАДИ БУГАРСКИ ПРИТИСОЦИ

 Наспроти него, амбасадорот Ивица Боцевски смета дека пред да се влезе воопшто во т.н. „материјална расправа“ на оваа конкретна тема, треба, пред сè, да се одговори на некои фундаментални прашања. Прво, дали вооопшто уште има импулс за европска интеграција, како што е замислена, поточно дали постои јасен процес што има завршница, или, пак Европската Унија, во моментов, не знае што да прави со земјите од Западен Балкан.

-Второто прашање е наша домашна тема и тоа се однесува на тоа како ние ја замислуваме Македонија и тука одговорот е многу јасен, односно македонските граѓани не се согласуваат со измена на македонскиот Устав поради бугарските притисоци. Притоа, тука нема никакво кршење човекови права, антибугарски сентименти, било етнички или државни, туку просто, граѓаните на Македонија се доволно информирани дека европската интеграција не значи усогласување со нечиј шовинизам и неизживеани национални сништа, заблуди или налудничави проекти. Всушност, веќе поминавме низ една таква епизода, која не заврши со демократска разврска и со преговори, туку со наметнување решение спротивно на референдумската волја, нагласува Боцевски.

Тој, најновата епизода на меѓусебните односи, смета дека треба да се согледува низ предизборната призма во Софија, додека, пак, од македонска страна, јасна е волјата на граѓаните што беше изразена на изборите.

Што се однесува до можниот излез од ќор-сокакот, Боцевски е уверен дека е единствено можен со разговори, но водени со добра волја и со желба за изнаоѓање заемно прифатливо решение, секако со медијација од ЕУ и клучните земји-членки, а посебно со нагласена улога на Франција, која има посебна одговорност за целата состојба.

-Никогаш не може да се исклучи изнаоѓање решение, посебно во вакви околности, кога се менува геополитичката архитектура, кога Европа се судира со два огромни воени судири во нејзиниот поширок геостратегиски простор, како и со претстојната глобална економска криза, предизвикана од непромислената интервенција во Иран. Меѓутоа, засега нема сигнали од Софија дека таму посакуваат решение. Нивниот став произлегува од срамниот Преспански договор. Тука на Балканот никој не го прочита овој процес како некаков дипломатски пробив, како придонес кон мирот или како факт што ги менува состојбите. Напротив! Преспанскиот договор ги потврди „влажните сништа“ на сите балкански шовинисти дека македонскиот идентитет не постои, дека е вештачки создаден и дека нема поддршка ни од самите Македонци. ’Штом толку лесно се откажаа од името, тоа значи дека се толку слаби што чукна часот за и ние да си ги реализираме нашите максималистички барања’, е начинот на кој овој договор беше прочитан во националистичките кругови, во Софија. Тие внимателно следеа како Атина ја претвори европската интеграција во оружје за дестабилизација на Македонија, па сега го презедоа моделот. Дури е гротескна и самата идентична реторика дека Македонија немала проблеми со Бугарија (претходно Грција), туку со Брисел и со сите земји-членки и така натаму, дециден е амбасадорот.

Боцевски не очекува Радев како можен иден премиер да пристапи кон решавање на проблемот. Но, од друга страна, вели, тој е и единствениот во Софија, кој би можел да направи изненадување од типот „Никсон оди кај Мао“, иако не изгледа дека тоа е визионерски политичар од таков калибар. Тој со ништо не отстапува од балканскиот просек, оценува тој.

Тврди и дека како држава никогаш досега сме немале шанса и никогаш воопшто досега немаше одлука за прием на Македонија во ЕУ. Сите анегдоти дека некогаш нешто не сме сториле, дека некој „моментум“ сме пропуштиле, дека некоја порака не сме ја прочитале, се погрешни.

-Кога ЕУ носи одлука за прием на една земја во членство, тогаш ништо не може да го спречи исполнувањето на таа цел, па дури и земјата ништо веќе да не допре, а тоа го гледавме пред нашите очи неколкупати со земји што ни се блиски, смета Боцевски.

Според него, Брисел нема донесено политичка одлука за полноправно членство на Македонија во јасно дефинирана временска рамка, а и за сите други држави од Западен Балкан. А, кога таа одлука ќе биде донесена, секако дека ќе ги исполниме сите услови, како и досега, но без да си наштетиме себеси.

Во услови кога приемот на нова земја-членка е политичка одлука што во Брисел се носи едногласно од сите земји-членки на ЕУ, во случајот со Македонија тоа речиси станува невозможна мисија. Затоа сè погласни се ставовите и барањата од видни политички личности од Европа да се смени принципот на гласање и едногласноста да се напушти како услов за донесување одлука. Последен во редот од нив е германскиот шеф на дипломатијата, Јохан Вадефул. Тој повика Европската Унија што поскоро да се откаже од принципот на едногласност во надворешната и безбедносната политика. Според него, блокадите од поединечни земји-членки ја загрозуваат способноста на ЕУ да реагира брзо во кризни ситуации и да дејствува како силен меѓународен актер.

-Ако сакаме ЕУ да биде навистина делотворен глобален фактор, ако сакаме да стане политички возрасна, тогаш мора да го укинеме принципот на едногласност во надворешната и безбедносната политика пред крајот на овој мандат, изјави пред некој ден, Вадефул.

Тој, ова го нагласи, зборувајќи за искуствата од последните недели, особено во врска со помошта за Украина и санкциите против Русија, покажуваат дека сегашниот модел не функционира доволно брзо. Во Советот на ЕУ моментално постојат два модела на гласање. Во чувствителни области, како заедничката надворешна и безбедносна политика, важи принципот на едногласност –  односно едно единствено вето го блокира целиот процес. Наспроти тоа, квалификуваното мнозинство – засновано на т.н. „двојно мнозинство“ – веќе се применува во голем број други области. За да помине одлука, потребно е најмалку 55 отсто од земјите-членки (15 држави), кои претставуваат најмалку 65 отсто од населението на ЕУ.

 

 

 

 

Слични вести