Цената на нафтата во текот на ноќта повторно се искачи над 100 долари за барел, три дена откако го достигнаа четиригодишниот максимум, пренесува Си-ен-ен, додавајќи дека конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Израел со Иран продолжува да влијание врз глобалните залихи на гориво.
Скокот на цената се случи и покрај тоа што земјите членки на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) едногласно се согласија да пуштат рекордни 400 милиони барели нафта на глобалниот пазар.
Суровата нафта „брент“, глобалната референтна цена за нафта, вчеравечер се движеше околу 100 долари за барел, што е зголемување од 8,7 отсто. Во меѓувреме, американската референтна цена за нафта, исто така скокна за 8,7 отсто на 94,8 долари.
Ормускиот Теснец, низ кој минува околу една петтина од светските танкери за нафта и гас, е затворен откако започна конфликтот на 28 февруари.
Арамко, државната нафтена компанија на Саудиска Арабија, предупреди на катастрофални последици за светските пазари на нафта ако теснецот остане блокиран и во иднина.
Неколку товарни бродови се погодени во и околу Ормускиот Теснец, една од најважните артерии во глобалната трговија.
Во меѓувреме, Ирак ги запре сите операции во своите нафтени пристаништа по нападите врз два танкери за нафта. Бахреин им кажа на жителите да останат дома по иранскиот напад врз резервоарите за гориво во покраината Мухарак.
Оман ги премести сите бродови од главниот терминал за извоз на нафта во Мина Ал Фахал – едно од ретките преостанати пристаништа од кои може да се испорачува сурова нафта од Блискиот Исток до светот.