На денешен ден, пред 35 години, на 17 ноември 1991 година, Собранието на Република Македонија го донесе првиот Устав на независната македонска држава, со што беа поставени темелите на нејзиното уставно-правно уредување.
Највисокиот државен акт беше донесен во период на историски промени и распаѓање на поранешната југословенска федерација, по референдумот од 8 септември 1991 година, на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Со Уставот Македонија беше дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а беа утврдени основните принципи на парламентарната демократија, поделбата на власта и заштитата на човековите права и слободи, како и институционалната рамка на независната држава.
Неговите темелни принципи се поврзуваат со вековната борба на македонскиот народ и со историските стремежи за државност, втемелени во традициите на Крушевската Република и на АСНОМ, како и со заложбите за демократско уредување и остварување на правата и слободите на граѓаните.
На донесувањето на Уставот му претходеше Декларацијата за независност, усвоена од првиот повеќепартиски состав на Собранието на 25 јануари 1991 година. Сепак, процесот на осамостојување беше проследен и со политички несогласувања. Дел од албанската етничка заедница го бојкотираше референдумот, а пратениците Албанци не го поддржаа новиот Устав.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата беше потврден на 8 април 1993 година, кога Република Македонија беше примена во Обединетите нации како 181. полноправна членка. Поради противењето на Грција на уставното име на државата, приемот беше извршен под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“.
Во годините по неговото донесување, Уставот претрпе повеќе измени и дополнувања, меѓу кои позначајни беа амандманите од 2001 година, по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, како и измените од 2019 година, со кои беше променето уставното име на државата во Република Северна Македонија.
По повод 35-годишнина од првиот Устав, денеска во законодавниот дом ќе се одржат низа панел-дискусии на кои ќе се дебатира за донесувањето на највисокиот правен акт и осамостојувањето на државата.