Трамп предлага сојузната држава Њу Мексико да се преименува во Њу Америка

by irena 08:43
08:43

Претседателот Доналд Трамп во неделата предложи сојузната држава Њу Мексико да се преименува во „Њу Америка“. Тој објави слика од државата со новото име на социјалните мрежи, само неколку дена откако со извршна наредба го смени името на езерото Онтарио во „Езеро Америка“, пренесува Си-Ен-Ен.

Фотографијата првично беше објавена на мрежата Truth Social, а потоа Белата куќа ја сподели на платформата „Икс“. На неа се гледа контурата на државата, каде што зборот „Мексико“ е пречкртан со црвена боја и заменет со зборот „Америка“.

Со објавата не беше дадено никакво објаснување. Белата куќа не најави официјална процедура за преименување.

Иако Трамп како претседател има овластување да ги менува имињата на географските објекти во официјалните бази на податоци, Уставот не му дозволува законски да преименува сојузна држава. Таквата постапка би морало да започне во самата држава.

Кон крајот на минатиот месец, Трамп на ист начин го преименува езерото Онтарио, а во јануари 2025 година, на првиот ден од својот втор мандат, со извршна наредба го смени името на Мексиканскиот Залив во „Залив Америка“.

Гувернерката на Њу Мексико, демократката Мишел Лухан Гришам, го обвини Трамп дека со овој потег се обидува да го сврти вниманието од други проблеми и изјави дека „за името на Њу Мексико воопшто не се дискутира“.

„Додека претседателот се обидува да им го одвлече вниманието на Американците од неговата катастрофална војна во Иран, цените на горивото продолжуваат да растат“, напиша таа во неделата на платформата X. „Додека Белата куќа троши време цртајќи мапи, Њу Мексико е зафатен со работа.“

На најавата на Трамп реагираше и демократскиот сенатор Мартин Хајнрих.

„Секогаш ќе ги нарекувам трите работи со нивните вистински имиња“, објави тој на X.

„Мексикански Залив. Езеро Онтарио. Њу Мексико.“

Името на таа американска сојузна држава е постаро и од самите Соединети Држави и датира од 16-тиот век, според документи на Бирото за прашања на Индијанците за потеклото на имињата на сојузните држави.

Трамп и претходно покажувал желба да ги преименува географските локации за да ја демонстрира претседателската моќ. Одлуката за промена на името на езерото Онтарио доаѓа во време на тензичен трговски спор со Канада.

Набргу по потпишувањето на тој декрет, тој ја најави и можноста за промена на името на еден од океаните што ги опкружуваат САД.

„Имаме залив и имаме езеро. Сега ни треба уште океан. Можеби ќе мораме да го смениме името на Атлантскиот и/или на Тихиот Океан. Можеби ќе ги смениме и двата“, рече тој.

Слични вести