Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп денеска разговараа по телефон.
Нивниот разговор траеше точно еден час, соопшти Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател за надворешна политика.
Во центарот на разговорот беше ситуацијата во Украина. Ушаков телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери го оцени како „конструктивен и многу искрен“.
Според медиумските извештаи, Путин и Трамп разговарале и за неодамнешната посета на Москва на пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Ушаков изјави дека за време на разговорот, Трамп инсистирал на потребата конфликтот да се заврши што е можно поскоро.
– Доналд Трамп јасно се заложи за идејата за брз крај на конфликтот, што веднаш би отворило импресивни и далекусежни перспективи за целосна обнова на американско-руските односи, им рече Ушаков на новинарите.
Путин, според неговиот советник, му го претставил на Трамп рускиот поглед на моменталната ситуација.
Притоа, тој зборувал за состојбата на фронтот, напредувањето на руските сили и целите што Москва сака да ги постигне во Украина.
На крајот од разговорот, Путин и Трамп се договориле да ја продолжат комуникацијата и повторно да разговараат што е можно поскоро доколку се укаже потреба за тоа, заклучи Ушаков.