Американскиот претседател Доналд Трамп денес го пречека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Белата куќа. Тој ќе има билатерална средба со него во Овалната соба, јавува агенцијата Анадолија.
Како што е најавено, по разговорите во Овалната соба ќе има работен ручек.
Се очекува Трамп и Ердоган да разговараат за билатералните врски меѓу двете земји, како и за трговијата, инвестициите и одбранбената индустрија, како и за регионални прашања.
Ердоган претходно изјави дека „верува дека средбата со Трамп ќе придонесе за завршување на војните и конфликтите“ во регионот на Блискиот Исток во рамките на „заедничката визија за глобален мир и дополнително ќе ја зајакне соработката“ меѓу Турција и САД.
За време на неговата официјална посета на САД, турскиот претседател претходно присуствуваше на годишната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.