За време на годишната вечера на Асоцијацијата на дописници од Белата куќа во Вашингтон, во саботата вечерта, биле испукани истрели, по што американскиот претседател Доналд Трамп бил итно евакуиран од сцената од агенти на Тајната служба.
Инцидентот се случил во хотелот „Вашингтон Хилтон“, каде што се одржувал настанот. Според извештаите, агенти на Тајната служба извикувале „се пука“ додека присутните биле евакуирани.
Покрај Трамп, од салата биле изнесени и потпретседателот Џеј ди Венс, како и повеќе членови на американската администрација.
Телевизијата „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на свои извори, објави дека Трамп е безбеден, како и Венс и останатите членови на кабинетот.
Подоцна, Тајната служба на САД соопшти преку платформата „Икс“ дека едно лице е приведено.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушл“ напиша дека „нападот е спречен“ и им се заблагодари на припадниците на Тајната служба и на полицијата за, како што наведе, „брзата и храбра реакција“.
„Напаѓачот е приведен“, напиша Трамп, пофалувајќи ги безбедносните служби.
Американскиот претседател посочил и дека напаѓачот е ,,осамен лудак”, кој изгледал злобно. Наводно станува збор за 31-годишен учител.
Новинарот на „Си-Ен-Ен“, Волф Блицер, изјави дека бил „на неколку чекори од напаѓачот“ во моментот на пукањето.
„Одеднаш човек со оружје, многу сериозно оружје, почна да пука, а јас случајно бев на неколку чекори од него додека пукаше“, изјави Блицер во програма во живо.