Трамп: Агентите на „ICE“ нема да престанат да запираат и проверуваат сомнителни возила

by irena 16:17
16:17

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека агентите на Службата за имиграција и царина (ICE) ќе продолжат да запираат и контролираат сомнителни возила, и покрај најавената привремена ревизија на оваа практика по двата смртни случаи во кои беа вклучени агенти на службата.

„Мора да бидеме силни, цврсти и паметни и не смееме да се откажеме од едно од најважните и најефикасните средства на „ICE“ во борбата против криминалот – запирањето и контролата на возила“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Изјавата доаѓа еден ден откако беше објавено дека привремено ќе се преиспитаат овие операции по два одделни инциденти.

Во понеделникот агент на „ICE“ застрела возач со потекло од Колумбија во градот Бидефорд, во американската сојузна држава Мејн, додека на 7 јули агент на службата усмрти мексикански државјанин во Хјустон, Тексас, при обид да го запре неговото возило.

Советникот на Трамп за имиграција Том Хоман изјави дека не станува збор за промена на политиката, туку за краткорочна ревизија со цел да се провери дали агентите работат согласно со процедурите и дали се обезбедени нивната безбедност и законитоста на постапките.

„Агентите ќе продолжат да користат и други методи за апсење додека трае ревизијата“, рече Хоман за „Фокс њуз“.

Инцидентите предизвикаа протести во Мејн, Хјустон и Бостон, како и нови критики поради тоа што агентите на ICE не користат камери поставени на телото.

Слични вести