Тетовки добија свој простор за рекреација: Среда и сабота резервирани за жени

by irena 20:05
20:05

Градскиот базен во Тетово деновиве бележи зголемена посетеност, а со почетокот на летниот распуст станува едно од омилените места за разладување и рекреација на граѓаните.

Од Општина Тетово информираат дека интересот за користење на базенот е голем и секојдневно расте, особено кај семејствата со деца кои летниот период го користат за спортски активности и учење пливање.

Граѓаните сметаат дека ваквите содржини се неопходни за здрав и активен живот, додавајќи дека потребата од спортско-рекреативни капацитети е голема и во помалите населени места.

Според раководителот на Секторот за спорт при Општина Тетово, Мухамед Авзиу, најголема посетеност има за време на викендите, но базенот секојдневно го користат посетители од различни возрасни групи.

„Интересот е навистина голем. Освен деца и млади, базенот го посетуваат и повозрасни лица. Дел од нив доаѓаат и по препорака од лекар, бидејќи пливањето е корисно за лица со проблеми со зглобовите и мускулно-скелетниот систем“, изјави Авзиу.

Градскиот базен работи од понеделник до петок од 08:30 до 16:30 часот, додека за време на викендите е отворен од 09:00 до 21:00 часот. Во среда и сабота до 12 часот терминот е резервиран исклучиво за жени и девојки.

Во меѓувреме, локалните власти продолжуваат со инвестиции во спортската инфраструктура. Во тек е изградба на два нови базени во училиштата „Кирил и Методиј“ и „Наим Фрашери“, со што дополнително ќе се зголемат можностите за спорт и рекреација во градот.

Покрај градскиот базен, на граѓаните им се достапни и неколку приватни отворени базени кои работат во текот на летната сезона.

Слични вести