Сведокот Ана Захариева, која вечерта на пожарот била гостинка во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на денешното рочиште изјави дека објектот бил преполн со гости, меѓу кои и малолетници, како и дека прскалки се користеле и на претходни настани.
Таа посочи дека во дискотеката одела речиси секој викенд уште од 17-18 години и дека кобната вечер пристигнала околу полноќ. Според нејзиното сведочење, вториот излез бил затворен, а непосредно пред пожарот имало полициска рација за малолетници, без прекин на забавата.
Захариева рече дека пожарот се проширил за неколку секунди и дека додека се движела кон излезот, веќе горел целиот плафон. Таа нагласи дека немало организирана евакуација ниту лица што ги насочувале присутните.
Во метежот била оттурната и заглавена под повеќе лица, при што изгубила свест. Подоцна била извлечена од полицајци. Во пожарот се здобила со изгореници на левата рака, била оперирана и хоспитализирана 42 дена, по што најави дека ќе бара отштета.
Во однос на функционирањето на објектот, сведокот рече дека немало суштинска разлика меѓу периодот кога работел како дискотека и како кабаре, освен во работното време. Потврди и дека и како малолетна влегувала во објектот, бидејќи, како што рече, „пуштаа малолетници, исто како и таа вечер“.