Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ што се случи на 16 март 2025 година. Процесот официјално започна од почеток поради промена во составот на судечкиот совет.
Пред судот сведочеа неколку лица, меѓу кои студент од Кочани кој кобната вечер бил во клубот. Тој раскажа за хаосот што настанало откако избувнал пожарот и опиша непријатна ситуација со службено лице.
Надвор го најдов другарот Филип, на кој му беше повредено коленото. Го однесов во болница и се вратив во дискотеката. Имаше многу народ и лежеа, јас бев збунет и не знаев што да правам. Потоа дојдоа и пожарникари да гаснат. Јас и мојот другар Бојан влеговме во дискотеката во тоалетот, таму го извадивме другарот Давид. Надвор пробавме да го качиме во кола. Имаше еден од полицајците, не знам кој, го прашав да ми помогне да го качиме во кола. Тој ми кажа дека „тоа не е негова работа“, изјави сведок на денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје, каде продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.
Свои искуства споделија и средношколка која била спасена од пожарникар откако се онесвестила во толпата кај вратата, како и друга студентка која изјавила дека еден од униформираните полицајци ѝ се заканил со притворување бидејќи хистерично викала барајќи го својот татко.
На овие наводи реагираа родителите на загинатите деца. Александар Наунов изјави дека ова е сериозен момент кој не смее да помине незабележано.
Сведокот недвосмислено посочи дека полициски службеник во моментите кога луѓето се бореле за живот, одбил да помогне при внесување на повредено лице во автомобил за да биде однесено во болница. Ако ова е потврдено преку доказна постапка, тогаш станува збор за постапување кое мора сериозно да се разгледа. Во тие моменти, МВР немало време за изговори и префрлување одговорност. Имало повредени луѓе кои се бореле за живот, изјави Александар Наунов.
Од друга страна, адвокатот на одбраната, Александар Петрески, ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека исказите на сведоците се неконзистентни и дека обвинителството настапува со контрадикторни ставови.
Значи, обвинителството во воведните зборови укажува дека не им се става на товар тоа дали полицајците помагале или не, а потоа упорно се поставуваат прашања и се наведува сведокот да каже дека полицијата била тотално незаинтересирана и не помагала. Значи, чисто да се создаде една слика дека обвинетите што денес се товарат се виновни за нивните постапки, а сè уште не разбравме за кои постапки ги товарат и конкретно се теретат, изјави Петрески.
Судењето го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, додека застапник на обвинението е Спасенка Андонова. Постапката продолжува на 13 октомври со ново сослушување сведоци.