За време на вчерашната собраниска седница, на која беа избрани нови членови на Владата, паднале тешки навреди и закани, па дури и за малку ќе дошло до физичка пресметка.
Имено, пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, сведочи дека тој бил мета на тешки навреди од страна на новиот министер за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ, при што за влакно била избегната физичка пресметка.
–После мојот говор за реконструкција на Влада, репликата на премиерот и мојата контрареплика, Стоиљковиќ директно се упати кон мене со пцости и закани за мојата фамилија.
Во нормална демократска држава, лик со вакво однесување кон пратеници и кон целото Собрание не може да биде вработен во институција, а камоли министер во владата.
Но, ова зборува за ова владејачко мнозинство и начинот на кој тие планираат да владеат. Со страв и закани.
Ако Мицкоски и Стоилковиќ мислат дека со закани и пцости ќе ме одвратат од критики за погрешните политики, можам да им порачам, како што вели нашиот народ – нашле грешна црква да се крстат. Ниту им се плашам, ниту ќе престанам да критикувам.
Следниот пат кога некој ќе се осмели да упатува пцости и закани кон моето семејство, ќе се соочи со нужна одбрана на честа и достоинството во која нема да избирам ниту средства, ниту методи.
Доколку немаат нерви да слушаат критики, нека се повлечат од политика. Мене вчера не ми се закануваше курирот во некоја институција, туку највлијателниот министер во Владата – вели Трајчулески во изјава за „Фокус“.
Воедно, тој објаснува дека ситуацијата кулминирала кога, според него, Стоиљковиќ во пленарната сала, веднаш по прогласување на паузата, му се обратил со пцости и навреди додека се движел кон него за да се пресметаат.
Сепак, како што тврди Трајчулески, во тој момент реагирале Оливер Спасовски, Фатмир Битиќи, Миле Талевски од СДСМ, но реагирале и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, поради што бил спречен поголем инцидент.
Во врска со овој настан, се обративме и до Стоиљковиќ со прашање дали би сакал да ја изнесе неговата перспектива на гледање, но досега не добивме коментар.
Инаку, за време на собраниската седница Трајчулески рече дека со изборот на Стоиљковиќ за министер за локална самоуправа, „српскиот свет во Македонија добива губернатор на 80 македонски општини“.
Веднаш потоа, реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој ги отфрли критиките поврзани со наводите за т.н. српски свет и притоа го обвини СДСМ за двојни аршини во односите со Стоиљковиќ.
–Не ви сметаше да трчате на бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви сметаше Иван Стоиљковиќ?
Е, оваа Влада има поинаков став за сите тие прашања затоа што има карактер и затоа што е навистина горда и достоинствена. Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сè и сешто за да гласа за промена на името.
Не ви сметаше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоиљковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство.
И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате на него и на Владата којашто ја предводам јас – рече Мицкоски.
По оваа реплика на Мицкоски, Трајчулески настапи со контрареплика, велејќи дека му пречи тоа што Стоиљковиќ свечено го пречекал Милорад Додик, додека посочи и дека српскиот патријарх ја навредил македонската црква.
Сето тоа очигледно испровоцирало жестока реакција од Стоиљковиќ, кој немаше право да се произнесе на седницата, но со реакција се јави преку неговиот официјален фејсбук-профил, каде напиша:
„Политичката пресметка на СДСМ и ДУИ преку грбот на Србите во Македонија и Србите воопшто, што во пракса се одвива преку мене лично, добива загрижувачки размери.
Ксенофобијата и шовинизмот, нешто што беше поразено уште во 1945 година, уште живее, поточно се повампирува во потомците на фашистичката идеологија и еве веќе подолго време, секој ден во изминативе две години министерување се повторува, а незаслужениот молк на јавноста продолжува.
После низа небулози изнесени од ДУИ и нивните сателити од СДСМ кои кулминираа денеска при изборот на нови министри во Владата имавме можност да слушнеме фашистичка реторика речиси од сите говорници на опозицијата.
Неверојатно, реконструкција на Влада, а главна тема моето досегашно, успешно учество во Владата, но и идно, не знам од што се плашат. За СДСМ спорно е учеството на ДПСМ во власта.
И за нив, по можност, исто како и за ДУИ, пожелно е Србите и да не постојат во Македонија, да ги нема никаде, како би можеле на раат да функционираат во државата која со нивните политики ја руинираа, политички, уставно, законски, институционално и на секој начин.
Јавноста и понатаму нека молчи и нека без соодветна реакција и осуда ги остави носителите на отворената омраза и ксенофобијата, кои согласно нивното дејствување малтретираат, дискриминираат, поттикнуваат и разгоруваат омраза врз основа на национална припадност (сите се кривични дела).
Јас секако нема да ги оставам без реакција изливите на се позачестената со ништо непредизвикана антисрпска хистерија во општеството, чии носители се СДС и ДУИ“.
Во однос на неговото однесување, уште вчера реагираше Спасовски во име на пратеничката група на СДСМ, од каде побараа извинување поради, како што рекоа, навредите и говорот на омраза од страна на Стоиљковиќ. Исто така, околу однесувањето на новиот министер за локална самоуправа реагираше и ДУИ.
Влатко Стојановски